Традиционалната културна манифестација Ден на македонската поезија во Шведска денеска по 29-и пат ќе се одржи во Градската библиотека во Гетеборг.
Во рамки на програмата на годинашното издание ќе биде промовиран поетскиот зборник „Калемење на светлината“ кој содржи песни од членовите на поетското друштво „Дениција“ со седиште во Гетеборг. Станува збор за двојазично македонско-шведско издание, објавено неодамна со поддршка на Агенцијата за иселеништво на СРМ, а издавач е „Златно перо“ од Битола.
Во поетското читање ќе настапат дваесетина поети, а како гости од Македонија ќе учествуваат Сузана Турунџиева, Катарина Јовчевска и Виолета Сековска. Меѓу гостите кои ќе ја проследат програмата ќе биде и македонската амбасадорка во Шведска, Мира Крајачиќ.
Амфитеатрлната сала во Градската библиотека во Гетеборг нуди одлични услови за поетско читање, а и годинава се надеваме на добар одзив и посетеност од страна на љубителите на литературната уметност, вели Ивица Челиковиќ, секретар на Македонскиот сојуз во Шведска.
Меѓу учесниците во програмата, освен авторите по потекло од Македонија кои живеат во Шведска, ќе настапат и повеќемина поети од други националности, меѓу кои и неколку членови на Писателскиот центар во западна Шведска.
За денеска е планирано да се одржи и годишно собрание на Македонското поетско друштво „Дениција“ со седиште во Гетеборг, кое се грижи за програмските подготовки на манифестацијата.
Идната година Деновите на македонската поезија во Шведска ќе го прослават својот тридеценски јубилеј, како единствена поетска манифестација од ваков вид во редовите на македонската дијаспора во овој дел на Европа.