Денешниот ден (15.мај) е прокламиран од Обединетите нации уште во 1993 година како меѓународен ден на семејството. Според познавачите, овој ден претставува одлична можност да се подигне свеста за теми поврзани со семејството и да се зголеми знаењето за социјалните, економските и демографските процеси кои влијаат на семејството.
Последното истражување на УНИЦЕФ покажа дека начинот на кој се воспитуваат децата, во голема мера, претставува проекција на функционирањето на едно општество. А сликата на македонското општество, „насликана“ во истражувањето покажува голем степен на агресија.
Според ова истражување, седум од десет деца на возраст од 2 до 14 години дома се дисциплинираат со насилни методи, односно со физички казни и психолошка агресија. Од УНИЦЕФ велат дека кај испитаниците постои верување оти насилните методи на дисциплинирање функционираат, односно 44 отсто од нив сметаат дека физичкото казнување е ефикасен начин за коригирање на однесувањето на детето, а 37 отсто мислат дека тоа се постигнува со психичкото казнување.
Токму воочи овој Меѓународен ден на семејството, во македонското собрание се разгледуваше и потребата од измени на постојниот закон за семејство и од воведување на заедничко и одговорно родителство после развод или разделба и како ретко кога, поддршка стаса од претставнички од двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Повеќе за ова на порталот „Мајка и дете“.