Комисијата за трговските ознаки и трговските имиња денеска во Солун ќе одржи прв состанок, според она што вчера го откри алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу, за време на расправата во грчкиот Парламент за ратификација на законите што произлегуваат од потпишаните договори во Скопје во март и април годинава за отворање на нови гранични премини, јави дописничката на МИА од Атина.
Алтернативната шефица на дипломатијата рече дека „бизнисмените од двете страни ќе ги постават темите кои останаа нерешени сѐ додека не се потпиша Договорот од Преспа“.
По околу 90-минутна расправа на пленарна седница, во речиси празната сала на во грчкиот парламент и по обраќањето на 10 пратеници и говор алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу, со гласовите од СИРИЗА, Река и Демократска алијанса, грчкиот Парламент ги изгласа нацрт законите за Договорите за отворање на нови гранични премини кај Маркова нога и Мајден меѓу Северна Македонија и Грција.