Дендиас: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е најсилна гаранција за просперитет во регионот

37

Европската перспектива на земјите од Западен Балкан, по конференцијата во Солун, а во пресрет на Европскиот совет во Загреб, била една од темите за кои разговараа министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас и министерот за европски и меѓународни прашања на Австрија Александер Шаленберг на нивната денешна средба во грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

– Се согласивме дека иднината на Западен Балкан е во Европската унија. Нивната интеграција е најсилната гаранција за просперитет и стабилност во југоисточна Европа, и претставува стратешка инвестиција за обединета, стабилна и силна Европа. Секако, под услов, дека земјите кандидати целосно го прифаќаат постоечкиот статус и ги исполнуваат нивните обврски – рече шефот на грчката дипломатија.

Сепак, фокусот на разговорите на Дендиас и Шаленберг беше ставен на ситуацијата на грчко – турската граница.

Министерот за надворешни работи на Грција рече дека се „целосно неприфатливи обидите за инструментализација на човечката болка и човечката несреќа од страна на Турција“, истакна дека она што се случува на границата е асиметрична закана за Европа, „закана организирана и зајакната од турската страна, со специфични методи, како што се ширење лажни вести и поттикнување на мигрантите од турските власти да се движат кон грчките и европските граници“.

Министерот за европски и меѓународни прашања на Австрија изрази поддршка и солидарноста до Атина, истакна дека „Грција не ги штити само своите граници, туку и заедничките граници на Европската унија“.

Паралелно, тој објасни дека е потребна практична помош, велејќи дека тие ќе одвојат 1 милион евра за УНХЦР за бегалските кампови во Грција.

Во однос на договорот ЕУ- Турција, рече дека Европа направи сѐ што беше потребно и упати порака дека треба да се договореното треба да се исполни

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...