Демонстрантите во Франција, кои веќе втор ден протестираат поради поскапувањето на горивата и патарините и зголемувањето на даноците, денеска со неколку десетици возила блокираа седум од деветте влезови на паркингот во парискиот Дизниленд, овозможувајќи им на посетителите бесплатно паркирање.
Како што јави весникот „Паризиен“, блокадата на паркингот на Дизниленд и бесплатното паркирање на посетителите се одвива мирно и под надзор на полицијата.
Цената за паркирање во Дизниленд чини 30 евра дневно.
Во рамки на протестите денеска се поставени блокади на околу 40 локации на автопатиштата ширум Франција, на кои се истакнати транспаренти со пораки против францускиот претседател Емануел Макрон.
Во вчерашните протести беа повредени над 400 лица, од кои 14 се во критична состојба. Меѓу повредените има и полицајци и пожарникари. За време на протестите француската полиција приведе вкупно 282 демонстранти.
Француската Влада утрово порача дека нема да ја менува нејзината фискална и еколошка политика и покрај масовните демонстрации.
Во меѓу време, француските медиуми јавија дека анкетите на јавното мислење покажуваат натамошен пад на популарноста на претседателот Макрон.
Според ноемвриската анкета на Францускиот институт за истражување на јавното мислење, само 25 проценти од испитаницте се задоловни од работата на Макрон, што е за четири процентни поени помалку во споредба со истражувањето во октомври.