Имплементацијата на Законот за зелените пазари е без претходна подготовка и консултација со еснавските асоцијации и пазарџиите, сметаат од Демократскиот сојуз.
Оттаму бараат Министерството за економија да предложи до Парлаламентот да се одложи примената на овој закон за една година, а во меѓувреме да направи анализа на проблемите со зелените пазари и да предложи решенија користејќи ги искуствата од другите држави.
„Во оваа насока треба сопствениците на пазарите да имаат обврски за примена на високи хигенско-санитарни стандарди, услови за работа за продавачите, покривање на пазарите, како и јасни критериуми кој може да биде продавач, нивните социјални права и друго. Голем број на пазарџии се социјално загрозени, работат во тешки услови, на минус 10 или на четириесет степени и сл.“, наведуваат од Демократскиот сојуз.
Исто така, оттаму посочуваат дека институциите треба да поведат сметка и за препродавачите, сопствениците на пазарите и сите други кои имаат финансиски интерес, а ги одбегнуваат давачките спрема државата.