Демократската партија на Косово (ПДК), која по октомвриските избори го призна поразот и објави дека ќе дејствува како опозиција, ќе го предложи својот пратеник Мемли Красниќи за претседател на новото Собрание на Косово, чија конститутивна седница ќе се одржи попладнево, јави дописникот на МИА од Приштина.
Одлуката, како што соопшти ПДК, е донесена на денешната средба на партискиот лидер и претседател на последниот собраниски состав Кадри Весели со новоизбраните пратеници, во пресрет на конситутивната седница закажана за во 15 часот.
На состанокот е одлучено шеф на пратеничката група на ПДК да биде Бедри Хамза.
ПДК на изборите на 6 октомври беше треторангирана со 23 освоени пратенички места, шест помалку од победничката партија Движење Самоопределување (ВВ) и пет помалку од второрангираниот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), обете досега опозициски партии.