Демократите и официјално ги почнаа претседателските избори во САД

83

Најголемата демократска машинерија во светот, избори за претседател на САД, синоќа и официјално стартуваше со таканаречените какуси (партиски собранија) на Демократската партија во Ајова, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Историски, учесниците во претседателската трка кои добиле најмногу гласови на овие избори биле во најтесниот круг или ја добиле номинацијата претседателски кандидат од демократите.

Од 1972 до 2016 година од сите какуси одржани во Ајова седум тркачи кои победиле на овие избори ја добиле номинацијата претседателски кандидат. Од 2000 до 2016 година, пак, секој демократски победник во Ајова добил номинација претседателски кандидат.

Затоа, овие избори се сметаат за највалиден лакмусов тест кому ќе дадат глас демократските избирачи на партиските собранија и првичните избори (таканаречени прајмерис) и во другите сојузни држави.

Кои се карактеристиките на демократската машинерија во Ајова и како таа функционира?

Партиските собранија каде се избираат омилените кандидати се одржуваат на повеќе од 1,600 гласачки места низ цела Ајова како универзитети, школи, цркви, синдикални хали или приватни домови.

За учество на партиските собранија гласачите треба да бидат регистрирани како демократи или републиканци. Учесниците имаат право да гласаат во текот на еден час, од 20 до 21 часот, на денот кога се одржуваат собранијата. На местата на собранијата, гласачие се делат на групи и го даваат својот глас слично на лицитација.

Гласачите имаат право да не го дадат својот глас за некој од понудените кандидати и да стапат во група на „необврзани“, кои потоа ги доделуваат своите гласови на за нив посакуваниот кандидат кој не е на листата во тоа собрание. Таков случај имаше синоќа на гласачко место во Де Моин кога група даде гласови на Кори Букер, иако тој не беше во листата понудени кандидати.

Какуси синоќа се одржуваа и надвор од Ајова, во места низ САД каде живеат и работат жители на Ајова. Годинава, за првпат, партиски собранија се одржаа и во странство, и тоа на три места, во Париз, во Глазгов, Шкотска и во Тбилиси, Грузија.

На партиските собранија во Ајова во 2016 година одзивот беше 172 илјади луѓе. Овојпат, одзивот се очекува да биде над 250 илјади, знак дека на овие собранија ќе се гласа масовно, многу повеќе од претходниот пат. Ова, најверојатно, е причината зошто синоќа доцнеа со објавата на првичните резултати со напомена дека се работело на „квалитеит на контролата на извештаите“.

Демократските какуси во Ајова генерираат 41 делегат за конгресот на партијата во јули, кога се номинира претседателскиот кандидат, или само еден отсто од вкупниот број на делегати што еден тркач треба да ги добие за номинација претседателски кандидат.

На какусите во Ајова синоќа се гласаше за главните претенденти – сенаторите Берни Сандерс и Елизабет Ворен, поранешниот потпретседател Џо Бајден и поранешниот градоначалник на Саут Бенд, Пит Бутиџич, но и сенаторката Ејми Клобишар, претприемачот Ендрју Јанг и милијардерот Том Стејер

Следните избри се во форма на прајмериз (со тајно гласање) и се одржуваат на 11 февруари во Њу Хемпшир.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...