Демократските обвинители во судот за отповикување на американскиот претседател синоќа го повикаа Сенатот дека Доналд Трамп треба да биде разрешен од власт затоа што е закана за американската демократија, и може повторно да го наруши законот, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Судската постапка за импичмент продолжи синоќа во Сенатот со еден од најзначјните говори досега во процесот, говорот на Адам Шиф, главен менаџер (обвинител) на судот за импичмент.
Шиф истакна дека руските разузнавачки служби направиле „пропаганден пуч“ во САД со помош на Трамп.
Според него, претседателот има намера да се реизбира и „ќе продолжи со повиците до странски сили, непријатели на САД, да ги поткопуваат нашите демократски процеси во негова корист“.
Конгресменот Џеролд Надлер, предупреди дека ако сенаторите ги симнат обвиненијата од Трамп, „историјата ќе го запомни овој ден кога Сенатот дозволил ваков претседател да ја урне нашата најголема одбрана од тиранијата“.
Шиф, конгресмен од Калифорнија, ги наведе сигналите пратени од Трамп до некои земји, како Русија, Украина и Кина, да се вмешаат во внатрешната политика и изборите во САД.
Во познатата видео снимка од предизборната кампањата во 2016 година, тој го осуди говорот на тогашниот претседателски кандидат кога ја повика Русија да ги најде украдените електронски пораки од серверите на Демократскиот национален комитет. Следнот ден тоа навистина се случи, откако Викиликс објави низа електронски пораки, компромитирачки материјал за неговот политички ривал, демократската противкандидатка Хилари Клинтон.
Шиф се повика и на критичниот брифинг за новинари по средбата на Трамп со неговиот руски коега Владимир Путин во Хелсинки во јули 2018 година, кога наместо да ја брани американската позиција за вмешаност на Русија во изборите на САД, претседателот ја негираше, девалвирајќи ја работата на своите разузнавачки служби.
-Наместо на своите, Трамп им верува на руските специјални служби. Руските служби извојуваа победа со тоа што Трамп ја затајува вмешаноста на Русија во 2016 година со теории дека Украина го сторила тоа. Руските служби направија клинч меѓу САД и една од нашите најверни сојзнички во Европа, укажа Шиф.
И додаде: „руските служби направија пропаганден пуч во САД со помош на Трамп“, американски претседател.
– Ваква блескава победа на руските разузнавачи не се случи ниту за време на Студената војна – кажа Шиф.
Според него, Трамп се бори за реизбор и неговите минати постапки укажуваат на тоа дека ова нема да запре.
– Дали мислите дека ова ќе запре, тој го направи тоа и ќе го повтори истото ако остане на власт – изјави Шиф во своето повеќечасовно излагање.
Трамп од своја страна тврди дека е невин и не сторил ништо противзаконско. Неговите адвокати настапуваат со претставување на аргументите денеска, имаат време од 24 часови и три дополнителни денови.
Во меѓувреме, најнов материјал кој синоќа го објави телевизијата „Еј-Би-Си“ најверојатно ќе ја отенчи одбраната на Трамп, која тврди дека претседателот немал врска со случувањата околу
Украина и не знаел за тоа. Доколку се верифицира оригиалноста на материјалот, тоа може да ги поткрепи настојувањата на демократите за нови сведочења во текот на процедурата.
Во аудио снимка од донорска средба, се слуша како претседателот му вели на Лев Парнас, американско украински бизнисмен, дека ќе ја отпушти Мари Јованович, амбасадор на САД во Украина и антикорупционер.
Средбата е од април 2018 година, повеќе од една година откако се разгори скандалот и укажува дека Трамп ги планирал многу предвреме своите намери да компромитира политички ривали во Украина.