Демер: Берлин ќе ценеше ако САД го консултираше пред да се повлечат од Сирија

91

Германската Влада денеска соопшти дека САД не се консултирале со Берлин пред да го објават повлекувањето на американските сили од Сирија.

Портпаролката на германската Влада, Улрике Демер изјави дека Берлин ќе ценеше ако претходно беше консултиран.

Демер наведе дека одлуката на САД може да влијае на „динамиката на конфликтот” и оти „уште многу треба да се направи” за конечна победа врз Исламската држава.

САД се „важен сојузник”, рече Демер, која не одговори дали Германија го смета Вашингтон за „сигурен сојузник”.

Во исто време, портпарол на германското Министерство за одбрана соопшти дека ненадејна промена на курсот на САД во Сирија, нема директно влијание врз германскиот мандат во борбата против Исламската држава.

Неименувани американски официјални лица соопштија дека Пентагон разработува планови за повлекување на половина од 14.000 американски војници, кои служат во Авганистан.

Ова претставува остар пресврт на политиката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, чија цел е да ги принуди талибанците на мировни разговори по повеќе од 17 години конфликт, коментираат американски медиуми.

Според истиот извор, војниците би можеле да го напуштат Авганистан до летото, но дека конечна одлука сé уште не е донесена.

Трамп веќе  долго време се залага за повлекување на војниците од Авганистан, но на почетокот на годината министерот за одбрана Џејмс Матис, кој вчера поднесе оставка, и други воени официјални лица го убедија дека американските сили треба да останат во земјата со цел да се изврши притисок врз талибанците и за борбата против Исламска држава.

Официјални лица велат дека најновото инсистирање на Белата куќа за повлекување на војниците е уште една клучна причина Матис да си поднесе оставка.

Американските сили влегоа во Авганистан во ноември 2001 година, по инвазијата предизвикана од терористички напади врз САД на 11 септември.

Оттогаш, САД во Авганистан загубија повеќе од 2.400 војници и потрошија повеќе од 900 милијарди долари за својата најдолга војна.

Пред два дена, Белата куќа објави дека ги повлекува американските трупи од Сирија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...