Единаесет задруги денеска во Министерството за земјоделство ги добија договорите за користење 9,2 милиона денари финансиска поддршка, со која ќе набават десет трактори, пет тракторски приколки и берач на овошје.
Поддршката е и за основни трошоци на задругите, за ангажирање стручни лица, за просечна плата на управителот,… Првата година ќе покрива 100 отсто од прифатливите трошоци за плати, со намалување за 20 проценти секоја наредна година во период не подолг од пет години.
На конференцијата организирана по повод Меѓународниот ден на задругите беше нагласено дека во земјава засега се регистрирани 42 земјоделски задруги од кои функционални се 40. Најголемиот дел се во секторите градинарство и овоштарство, а најмалку има во сточарството.
Клучниот проблем со кој се соочуваат задругите е недодефинираната правна рамка во делот на тоа што подразбира здружувањето на земјоделците.
– Кога се здружени земјоделците можат полесно да реализираат крупни инвестиции, да конкурираат за мерките од националните и ИПАРД програмата, а со тоа полесно да набавт механизација. Но,клучно е дека само здружени, земјоделците можат успешно да се справат со проблемот при пласман на производите. Земјоделските задруги, меѓу другото, овозможуваат отворање работни места, но и го поттикнуваат руралниот развој – истакна Никица Бачовски од Министерството за земјоделство.
Според него, поради сите бенефити, Владата изминативе две години интензивно го поддржува задругарството и работи а мерки кои го поттикнуваат здружувањето на земјоделците. Измените, пак, на Законот за земјоделски задруги наскоро ќе влезе во собраниска процедура, а предвидува олеснување на административните процедури.
Како што истакна директорот на Платежната агенција Николче Бабовски, кој ги врачи договорите, со финансискста поддршка од државата за набавка на модерна механизација, директно се влијае врз зголемвуање на рентабилноста во земјоделското производство, а задругите стануваат поконкурентни и со цената и со квалитетот.
– За разлика од традиционалните претпријатија чија главна цел е максимизација на профитот, задругите имаат поширок вредносен систем. Заработувачката не е нивна единствена цел и примерно мерило за успех. Задругите се можност земјоделците да работат во руралните подрачја каде нивните предци работеле и заработувале од многу помали површини, со многу помалку механизација. Задругите се можност да го задржиме населението во родните огништа, да создава семејства таму, да произвеудва здрава храна со што ќе ги зачува традиционалните сорти кои веконо опстојувале – потенцира Бабовски.
Менде Ивановски, претседател на Асоцијацијата на задругите формирана во 2012 година, рече дека интересот за здружување кај земјоделците е се поголем.
– Во изминатиот период се формираа повеќе задруги. Земјоделските стопанства пројавија многу поголем интерес да се регистрираат во земјоделски задруги. Бројката на наши членки во овој момент е 32, и оваа бројка ни дава надеж дека ќе продолжиме да се развиваме – истакна Ивановски додавајќи дека е неопходно на терен да се разговара со производителите околу неопходноста од здружувањето.
Задругите, предочи Ивановски, очекуваат со измените на законското решение да се дефинира што здружуваат земјоделските задруги. Преку сопствените статуси на задругите да се дефинира кои модели на каков начин ќе функционираат.
Од 22 јуни годинава тече новиот повик за поднесување барања за економско здружување на земјоделските стопанства. На повикот може да се пријават сите регистрирани земјоделски задруги. Средствата се неповратни и ќе може да се користат за основање и функцинирање на задругите, за покривање основни трошоци (административни и технички капацитети), за ангажирање стручни лица, за просечна плата на управителот, како и за ангажирање еден вработен од областа на земјоделските науки и ветеринарството.
Годинашното мото под кое се одбележува Меѓународниот ден на задругите е „Задруги за достоинствена работа“. Во овој контекст порака испрати и проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги”.
„Задругите се претпријатија во чиј фокус се луѓето. Се карактеризираат со демократска контрола која им дава приоритет на човечкиот развој и социјалната правда на работното место“, се наведува во пораката.