Група од околу 25-30 лица попладнево се собрале пред канцелариите на грчкиот весник „Димократиа“ во Атина и со спреј на ѕидовите напишале навредливи слогани против новинарите и фрлиле летоци, по што полицијата привела две лица, објавија грчките медиуми.
Инцидентот го осудија како од грчката Влада, така и од опозициската СИРИЗА, јави дописничката на МИА од Атина.
Заменик-министер под премиерот и портпарол на грчката Влада, Стелиос Пецас изјави дека тие кои на мета го ставија весникот, „додадоа уште едена алка во синџирот напади врз демократијата“.
– Остро ги осудуваме ваквите фашистички напади кои се насочени кон слободата на изразување – вели Пецас.
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас на неговиот Твитер профил напиша дека нападот врз весникот е апсолутно за осудување.
Портпаролот на опозициската СИРИЗА, Алексис Харицис рече дека нападот ја навредува слободата на изразување.