Да, тоа е тоа – обвинителството нека ги испита грантовите!

Одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да оформи предмет по допрен глас и да истражи дали има злоупотреби при доделување на грантовите од Фондот за иновации и технолошки развој, ја доживуваме како камен паднат од срце.

4796

Нема подобар начин да се расчистат сите дилеми околу евентуалните злоупотреби при доделувањето грантови по јавниот повик на Фондот за иновации и технолошки развој, од тоа работата темелно и одговорно да се истражи и за сознанијата што побрзо да се извести македонската јавност.

Како што е познато, јас лично, од многу медиуми и парамедиуми, бев оцрнет како човек корисник на ваков грант. За оваа елементарна неточност, се разбира, не се лутам никому (дури и на оние кои ме наклеветија со зла намера), бидејќи станува збор на нормална идентификација на брендот „Слободен печат“ со мене, еден од покренувачите на весникот и негов главен и одговорен уредник, иако без било какви удели и во сопствеништвото или во менаџментот на компанијата.

Да бидам искрен, не само на мене, туку и на сите уредници и новинари во весникот, наводите во многуте написи ни тежат на душата. Тоа беше причината поради која побарав менаџментот на „Слободен печат“, во име на сопствениците на издавачката компанија, да се огласат и детално да ги изнесат своите аргументи. Тоа и беше сторено.

Ете затоа, одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да оформи предмет по допрен глас и да истражи дали има злоупотреби при доделување на овие грантови, ја доживуваме како најдобар начин да се дојде до вистината. При тоа, се разбира, ние во редакцијата сме убедени дека компанијата издавач на нашиот весник успешно ќе го мине овој тест.

Општо земено, сите треба да бидеме сосема начисто дека во ова време, кое метафорично беше наречено „живот“ што требаше да дојде (и дојде, нели), ништо што се случува во оваа земја веќе не смее да наликува на криминалниот режим против кој се боревме долги години. Редно е некој на премиерот Зоран Заев да му каже дека меѓу обичните луѓе сѐ почесто се зборува дека и сега се краде како и порано. Со енергични потези, Заев и оваа власт треба да ѝ стават крај на приказната што се шири и да докажат дека навистина „има разлика“.

Како и да е, јас и моите колеги, ниту сакаме ниту заслужуваме да носиме дамка поради било чии и било какви сомневања во нашиот личен интегритет и во кредибилитетот на нашиот весник и затоа безрезервно ја поддржуваме акцијата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Во животот, сепак, ништо не е повредно од чистиот образ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...