Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска „му се извини“ на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, затоа што, како што рече, не знае да ја отпее песната „Лили Марлен“.
– Извини Пленковиќ, но јас не знам да ја испејам песната „Лили Марлен“, а ниту „За дом спремни“ на Томпсон. Вам, Хрватите, подобро ќе ви беше да се задржевте на шлагери – саркастично изјави Дачиќ во Индија, каде се наоѓа во официјална посета.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, изјавата на Дачиќ претставува продолжување на српско-хрватската „дипломатско-вербална војна“, откако Пленковиќ вчера порача дека Хрватска е одговорна држава, која сака соработка со сите земји.
– Решително ја отфрламе негативната реторика која е скандалозна, во суштина од еден минстер за надворешни работи, кој е познат по тоа што е неуспешен шлагер пејач – изјави Пленковиќ, алудирајќи на Дачиќ.
Дачиќ претходно во изјава за Танјуг нагласи дека хрватскиот премиер „очигледно нема што друго да прави, па секојдневно ја напаѓа Србија, бидејќи му е потребен непријател за да го подобри својот рејтинг на анемичен политичар“.
– Хрватска денес е држава која е во кавга со речиси сите свои соседи – констатираше Дачиќ.