Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ најави дека во Белград доаѓа директорот во американскиот Стејт департмент задолжен за примена на санкции кон Русија и за земјите кои ги кршат тие санкции.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Дачиќ изјави дека „официјалниот претставник, Томас Зарзецки, ќе има разговори во Министерството за надворешни работи, како и во министерствата за одбрана и финансии, за да се запознае со ситуацијата”.
Дачиќ додаде дека Зарзецки веќе има посетено „шеесетина земји“, истакнувајќи дека Србија ги нема прекршено санкциите што ги воведоа САД за набавка на оружје од Русија и дека нема причина за воведување на санкции.
Според весникот Политика, Зарзецки ќе пристигне во Белград уште во петок.
САД се заинтересирале за Србија по воената вежба на воените сили на Србија и Русија „Словенски штит“ на крајот на октомври, на која се прикажани ракетните системи „С-400“ и „Панцир С“.
Директорот на руската агенција за увоз и извоз на одбранбрените производи „Рособоронекспорт“ Александар Михејев за руската агенција ТАСС изјави дека системот „Панцир С“, кој Србија го купи од Русија, „доаѓа во рок од неколку месеци во согласност со потпишаниот договор“.
-Ракетните системи се составуваат, а се обучуваат и српските специјални сили. Сè оди според планот и нема да има одложување, изјави Михејев.