Американски претставници набрзо поактивно ќе се вклучат во Дијалогот Белград – Приштина, така што ќе водат „шатл дипломатија“, ќе разговараат со највисоките српски и косовски претставници, ќе ги посетуваат двата града, и ќе го „насочуваат текот на преговори“, објави денеска белградскиот дневен весник „Данас“ повикувајќи се на неименувани извори во Вашингтон.
Весникот наведува дека америкнските претставници ќе ја интензивираат својата активност по завршување на референдумот во Македонија, што ќе се одржи на 30 септември.
– Целта на САД е преку шатл дипломатија да ги приближат ставовите на Белград и на Приштина, со цел да се дојде до рамковен текст на договорот за Косово, а финалниот договор да може да биде потпишан на пролет следната година. Се очекува дотогаш и српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи да успеат да обезбедат целосна поддршка од своите влади и парламенти, како и да се создаде клима за поддршка на разграничувањето и на финалниот договор во српската и косовската јавност – истакна неименуваните дипломати за „Данас“.
Весникот потенцира дека САД преземаат обврска да обезбедат поддршка од сите клучни западни сојузници за идниот договор, пред се од Германија, од Велика Британија и од Франција.
Но, и покрај поактивното вклучување на САД во Дијалогот Белград – Приштина, Брисел официјално останува посредник во преговорите, наведува „Данас“.