Дамчески: Прилепскиот театар добива врвни награди, а е без правен статус

128

Оваа е успешна година за Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ кој на домашната и на меѓународната сцена освои значајни награди и признанија, но недостасуваат услови за работа и сакаме да си го вратиме правниот статус, вели раководителот Стојан Дамчески.

За Дамчески успесите на ансамблот се раритетни и високи. Не се случило во историјата на Прилепскиот театар во десет години да победи четирипати на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

– Годинава победивме на 53. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што во јуни се одржа во Прилеп. Победник и најдобра претстава од македонските претстави во официјалната конкуренција беше „Клетници“ од Виктор Иго во режија на Мартин Кочовски. На Фестивалот, претставата освоеи вкупно четири награди. Последниве 10 години, Прилепскиот театар победува дури четири пати, што не се случило во историјата не само на Прилепскиот театар. Неодамна се вративме од меѓународниот фестивал на глумецот во Никчиќ, Црна Гора. Од петте фестивалски награди добивме три (претставата „Љубовни пози на историјата“ по текстот на Горан Стефановски, се закити со гран-при наградите за најдобра машка и женска епизодна улога и за колективна игра).  Претходно имавме гостување во Враца, Бугарија каде бевме со претставата „Обѕрни се во гнев“ и се вративме со награда. Ова е одлична година за ансамблот. Инаку според програмата, се одиграа три премиери. Се соочивме со објективни тешкотии 9болест на актерите) но, сепак, годинава беше за радост и гордост на ансамблот – вели Дамчески.

Наспроти сите награди, признанија и постигнувања на актерската екипа, Прилепскиот театар е без правен статус и се чувствува како драмска секција во рамки на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

– Веќе 14 години, театарот не е самостоен правен субјект. Правниот статус го загубивме откако станавме дел од Центарот за култура „Марко Цепенков“. И, се чувствуваме, како да функционираме како драмска секција.Тоа е разочарувачки. Иако на плакатите за претставите пишуваме дека сме театар „Војдан чернодрински“, од што не се откажуваме, сепак правно не постоиме и сме дел од Центарот за култура „Марко Цепенков“. Од 17-те театри во земјава, ние сме во редот на оние ( Штипо, Струмица, Велес, Куманово, Охрид) кои функционираат во Центрите за култура, а сме во редот на најдобрите театри. Иако сме ансамбл со 18 актери имаме по четири, пет премиери, со големи успеси, награди, признанија и не знам до кога овој статус ќе го прифаќаат младите надежни актери. не станува збор за плата, туку за однос и третман кон нашата институција – вели Дамчески.

Екипата на театарот се надева дека во идниот период ќе наиде на разбирање, а очекува најавите за нов театар да се остварат.

– Се надеваме дека театарот ќе го врати статусот како самостоен субјект. А дадени ни се искри надеж со најавата за изградба на нов театар во Прилеп. Да се надеваме дека актерите за 4 до5 години ќе успеат да се вселат во новонајавениот театр и да добијат достојни и пристојни услови за работа – смета Дамчески, раководител на прилепскиот анасамбл на театарот „Војдан Чернодрински“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...