По победата на Володимир Зеленски на претседателските избори во Украина во неделата, некои аналитичари стравуваат дека сега со земјата „од сенка“ би можел да управува украинскиот милијардер Ихор Коломојски.
Коломојски е сопственик на телевизијата на која беше емитувана серијата „Слуга на народот“, со која како актер се прослави Зеленски, каде толкуваше улога на професор кој станува претседател на државата.
Меѓутоа, некои аналитичари посочуваат дека ова не е единствената врска помеѓу новиот претседател на Украина и олигархот, кој живее во доброволен егзил во Израел. Имено, базата на регистарските таблички на возилата, документите за сопственост на компаниите и објавените фотографии, укажуваат дека патиштата на Зеленски и Коломојски често се вкрстувале.