Дали дефицитот во пензискиот буџет расте или се намалува со зголемените пензии?

Износот којшто Владата ќе го префрли за зголемување на пензиите од 700 до 900 денари по пензионер месечно, е висок и над законски утврдениот праг за усогласување. На тој начин се доведува во ризик доследната имплементација на пензиската реформа, велат експерти.

195

Најавеното зголемување на пензиите во следната година различно се толкува од власта, опозицијата и од експерти. Владата тврди дека тоа нема да ги поткопа определбите за стабилизација на пензискиот фонд и намалување на парите кои од државната каса секоја година се прелеваат во касата на Фондот бидејќи дефицитот во пензискиот буџет опаѓа. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не коментира како новото зголемување на пензиите ќе влијае на државната каса, туку се фокусира на сумата која ќе ја добијат пензионерите. Експерти, пак, предупредуваат дека зголемувањето на пензиите надвор од законски утврдениот рок би значел ризик за повторен раст на дефицитот во Фондот.

За следната година, според проекциите на Буџетот на државава, планирано е  половина од парите наменети за пензии или околу половина милијарда евра да се обезбедат од државната каса. ПИОМ следната година ќе има буџет од една милијарда евра.

Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Шаип Зенељи, денеска изјави дека пензискиот фонд е стабилизиран.

– Приходите во Фондот растат за 10 отсто споредено во периодот јануари-октомври 2018 и јануари-октомври 2019 година. Овој пораст не е само од зголемувањето на придонесот од 0,4, туку поради раст на плати и новите вработувања. Исто така, дефицитот за една година е намален за 3,77 милијарди денари (61,4 милиони евра). Во 2018 година беше 19,42 милијарди денари (315,7 милиони евра), а во 2019 година инесува 15,64 милијарди денари (254, 4 милиони евра) – рече Зенељи.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска тврди дека со ова зголемување на пензиите не се отвора можност од зголемување на дупката во пензискиот систем, бидејќи во вкупната сума која е зголемена во најголем дел учествува мерката за субвенционирање на придонес за зголемување на плати во приватниот сектор. Според неа, зголемувањето се прави плански со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем, но и кога имаме раст на економијата во државата.

– Во вкупниот трансфер од Буџетот кон ПИОМ е содржана мерката субвенции на плати и најголемата сума како додадена е за мерката за субвенционирање на платите од 600 до 6.000 денари, затоа што плаќањето ќе оди преку Министерството. Овие пари за субвенционирање не ја зголемуваат дупката. Тие префрлаат пари и ја затвораат бидејќи стигнуваат во Фондот, затоа што сме одлучиле законски да ги поддржиме компаниите да исплатат повисоки плати – рече Царовска.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак не гледа проблем во тоа што зголемувањето на пензии би можело да влијае на продлабочување на дефицитот.

– Три години по ред власта не им дава на пензионерите покачување од 600 денари, кое го имаа во време на ВМРО-ДПМНЕ. Пензионерите за три години владеење на СДСМ се оштетени за 1.800 денари. Наводното покачување кое од догодина ќе го имаат пензионерите е само покачување за една година, а притоа власта им ги задржа на пензионерите парите кои ќе ги добиеја со ВМРО-ДПМНЕ – велат од опозицијата.

Експертите од Институтот за економски анализи „Фајнанс тинк“ предупредија дека зголемувањето на пензиите надвор од законски утврдениот рок може да предизвика повторен раст на дефицитот во Фондот.

– Износот којшто Владата ќе го префрли за зголемување на пензиите од 700 до 900 денари по пензионер месечно, е висок и над законски утврдениот праг за усогласување. На тој начин се доведува во ризик доследната имплементација на пензиската реформа – велат од Институтот.

Според експертите на овој Институт, усогласувањето на пензиите е една од клучните претпоставки за стабилизација на дефицитот во пензискиот систем, особено земјаќи предвид дека порастот на стапките на социјалните придонеси беше релативно мал, односно еден процентен поен во период од две години.

– Дополнително, порастот на пензиите над очекуваниот максимум креира дополнителни очекувања кај пензионерите и остава простор да се толкува како предизборен потег. Буџетскиот документ треба да даде соодветен осврт на ова прашање, и да дефинира посветеност кон избегнување ад-хок зголемувања и менување на правецот од започнатата пензиска реформа. Во спротивно, стабилизацијата на пензискиот дефицит и ефектите од пензиската реформа ќе забават, па дури и може да преминат во негативни, односно кон повторно рапидно продлабочување на пензискиот дефицит. Консолидацијата на пензиските финансии мора да ја следи претходно отпочнатата патека – велат од Институтот.

Заклучно со септември бројот на пензионери во земјава достигнал 322.622 лица. Најголем дел од нив имаат старосни пензии. Од вкупниот број пензионери 2.663 лица земаат месечна пензија од 38.634 до 51.803 денари. Меѓу високите пензии се и оние на поранешните претседатели кои достигаат до 90.000 денари и оние на поранешни директори, функционери од транзицијата кои се над 50.000 денари.

Над 110.000 лица земаат пензии под 11.141 денари. Од нив 24.857 лица имаат најниска пензија која достига до 8.971 денари. Вкупно 87.865 пензионери земаат пензија која се движи меѓу 8.971 денари и 11.141 денари. Просечната пензија во септември изнесувала 14.598 денари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...