Гутереш: Младите – најголема сила во решавањето на глобалните проблеми

Според генералниот секретар на ОН, младите се на првата линија на фронтот во решавањето на проблемите на климата, нееднаквоста меѓу половите, социјалните разлики...

35
Photo: EPA / JUSTIN LANE

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш синоќа, во својата новогодишна честитка истакна дека светот во 2020 година влегува со нови судири и несигурност, посебно по прашањето за борбата против  климатските промени, кршењето на човековите права и нееднаквоста и омразата меѓу луѓето.

Гутереш истакна дека најголемата сила во решавањето на глобалните проблеми се младите.

-Климатските промени се реална опасност. Не можеме да седиме со скрстени раце додека планетата гори. Но има надеж, и мојата новогодишна порака е упатена кон најголемиот извор на таа надеж – кон младите ширум светот, наведе Гутереш.

Според него, во решавањето на проблемите на климата, нееднаквоста меѓу половите, социјалните разлики, во борбата за правда и човекови права младите се на првата линија на фронтот.

-Јас сум со вас. Бидете гласни! Поместувајте ги границите. Имајте барања! Вашата одлучност инспирира. Ви посакувам мир и среќа во 2020 година- порача Гутереш.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...