Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изрази загриженост од тврдењата за употреба на хемиско оружје против цивили во Дума во близина на Дамаск, соопшти неговиот портпарол Стефан Дижарик.
– Дури и ако ОН не е во можност да ги провери овие информации, генералниот секретар нагласува дека секоја употреба на хемиско оружје, ако тоа се потврди, е одвратно и треба да биде темелно истражено, се вели во соопштение на Дижарик.
Гутереш изрази и голема загриженост од интензивираното насилство во Дума во последните 36 часа, по период на релативен мир, и ги повика сите страни да запрат со борбите и да се вратат кон мир, се додава во соопштението.
Обвинувањата дека сириската армија користела хемиско оружје во напад врз градот Дума, каде е забарикадирана последната група бунтовници од Источна Гута, се нов заговор против Башар Асад, соопшти денеска иранското Министерство за надворешни работи.
Според Техеран, кој го поддржува официјален Дамаск, „таквите тврдења и обвинувања од страна на Американците и некои западни земји се знак за нов заговор против сириската Влада и сирискиот народ и претекст за воени дејствија, кои сигурно уште повеќе ќе ја усложнат ситуацијата во земјата и регионот“.
Американскиот претседател Доналд Трамп го осуди наводниот хемиски напад во Сирија и наведе дека сирискиот претседател Башар ал Асад ќе плати „висока цена“ за тоа.
Трамп додаде дека „во безумниот хемиски напад“ има многу загинати, вклучувајќи жени и деца.
Тој на Твитер го обвини и рускиот претседател Владимир Путин, како и Иран поради поддршката за, како што наведе, „животното Асад“.
Во исто време, руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека наводите за хемискиот напад во Сирија се лажни и оти секоја воена акција која би била преземена врз основа на така „измислени и исфабрикувани изговори“ би можела да доведе до тешки последици.
– Ширењето лажни приказни за употреба на хлорин и други отровни материи од страна на сириските владини сили продолжува. Вчера се појави уште една таква исфабрикувана информација за наводен хемиски напад во Дума, наведе руското МНР во соопштение.
– Ние неодамна повеќе пати предупредувавме на такви опасни провокации. Целта на таквите лажни шпекулации, отсуството на каква било основа претставува заштита на терористите… како и обид за правдање на евентуална надворешна употреба на сила, се додава во соопштението.
Најмалку 70 лица се убиени во наводен напад со хемиско оружје на градот кој е под контрола на бунтовниците во Сирија, Дума, соопштија спасувачки организации и лекари, додека сириската Влада наводите за овој напад ги нарече „измислици“, јави Би-Би-Си.
Други светски агенции јавија дека боројот на загинати е околу 40 жртви.
Би-Би-Си нагласува дека за сега никој независно не ги потврдил наводите за напад со хемиско оружје.
Неколку групи за набљудување, активисти и доктори изнесоа наводи за напад со хемиско оружје, но бројките не се поклопуваат и се уште не е јасно што точно се случило, нагласува Би-Би-Си.
Медиумскиот центар на источна Гута, каде што се наоѓа Дума, тврди дека се убиени повеќе од 75 луѓе, и оти повеќе од 1.000 се погодени од последиците на наводниот напад.
Според центарот, хеликоптер фрлил буре-бомба во кое имало нервен гас сарин.