Венецуелскиот опозициски лидер, Хуан Гуаидо, поддржуван од САД и западните земји, го повика населението да се подготви за „Операцијата Слобода“, што ќе доведе до преземање на власта во Венецуела, откако светските медиуми објавија дека во текот на викендот на аеродромот во Каракас слетале два руски воени авиона.
– Време е да се подготвиме за „Операцијата Слобода“ и за вршење максимален притисок врз Владата за конечно да се стави крај на узурпацијата. Сите, апсолутно сите имаат улога во оваа фаза на нашата борба, порача Гуаидо на Инстаграм.
Тој најави „формирање специјални комитети низ целата држава“.
– Тие ќе добијат задача да ги промовираат активностите со цел да се стави крај на узурпацијата во секој регион, сектор, синдикат, образовна установа, владино тело, напиша Гуаидо.
Тој на 23 јануари на митинг во Каракас се прогласи за привремен претседател на Венецуела, што актуелниот претседател Николас Мадуро, кој е со поддршка од Русија, го нарече „обид за пуч“.
Во главниот град на Венецуела слетале два руски авиона, воено-транспортниот Ан-124 и патничкиот Ил-62, со 99 руски војници предводени од Василиј Тонкошкуров, раководител на Главниот штаб на копнените сили на Русија, и со товар од 35 тона, објави венецуелското издание „Нотисиера дигитал“.
– Во претседателската ложа на аеродромот тие се пречекани од раководителот на одделот за меѓународни врски на венецуелската армија, вицеадмирал Мариани Мата, од претставници на руската амбасада и венецуелските вооружени сили, напиша на Твитер новинарот Хавиер Мајорка.
Не е познато дали се тоа регуларни војници или наемници. Претходно повеќе медиуми објавија дека кон крајот на јануари во Венецуела пристигнале воени лица од руската приватна воена компанија „Вагнер“ за заштита на претседателот Николас Мадуро. Првата група на наемници пристигнала уште пред претседателските избори лани во мај, додека втората „неодамна“.