„ГТЦ расте во СВЕТСКИ трговски центар!“ Со овие зборови новиот директор на Градскиот трговски центар, Ѓоко Трајчевски, во медиумите се фали дека во последните две години, откако тој е именуван на оваа функција, е модернизирана старата куглана, подобрена е безбедноста на трговскиот центар, се осветлува гаражата, а на просторот на ГТЦ се организираат и многу настани.
Оваа одбрана уследи откако сопственици и закупци на дуќани во Градскиот трговски центар обвинија дека директорот Трајчевски и неговата заменичка Валентина Бајрам вработуваат свои роднини и пријатели на привилегирани позиции. Трајчевски не ги крие роднинските врски со дел од вработените, но за Плусинфо изјави дека „обвинувањата се тенденциозни, а клеветниците не ги гледаат неговите успеси како директор на ГТЦ“.
Да се потсетиме, Трајчевски призна дека Предраг Николиќ, негов баџанак, е примен за директор на обезбедување и хигиена. За Филип Тортевски, вработен како личен возач на директорот, Трајчевски не потврди дека се во кумовска врска. Но, затоа потврди дека Влатко Ацковски, прв братучед на директорот, е унапреден од лифтаџија во директор на компјутерскиот центар. Валентина Бајрам, ќерка на пратеникот Амди Бајрам, е унапредена во заменичка на директорот.
ГТЦ е акционерско друштво и се финансира од парите на сопствениците на дуќаните и закупците, без денар буџетски средства. Станува збор за сума од преку 200 милиони денари во 2018 година. Додека тие се жалат дека ГТЦ пропаѓа, без соодветно инвестициско одржување и со лошо менаџирање, Трајчевски се фали дека ГТЦ станува „светски“ трговски центар.
Тој се фали со подигнатата безбедност, со осветлувањето со лед светилки кое засега ги опфаќа гаражата, автобуската постојка и една третина од фасадата, со подобрената хигиена, со најавата за пуштање во функција на инфо-центар, како и со одржувањето на лифтовите, клупите и кантите за ѓубре. За овие две години ГТЦ успеал да издаде над 2.500 метри квадратни деловен простор, што за Трајчевски значи дека „постои позитивна клима во ГТЦ што ги тера фирмите од приватниот сектор да инвестираат“.
– ГТЦ станувал светски? – се чуди еден од дуќанџиите и додава:
– Уште Бин Ладен му фали да му го урне. Ама, работава не е за шегување. Прошетајте и самите и видете ги оние ќумези од времени објекти и прашајте го директорот во кој „светски“ трговски центар го има тоа. За хигиената во ГТЦ и самите пишувавте. Има сиви зони во овој објект кои никогаш не се исчистени. Јас не велам дека Ѓоко не наследи хаос, ама ние очекувавме новата власт да покаже повеќе. Не е работата на менаџментот на еден ваков грандиозен објект само да поправа лифтови и ескалатори. Треба да има визија. А и редовното одржување не оди како што треба. Пред некој ден снема струја во цел ГТЦ речиси половина час. Кога дувна ветер, на Кејот се струполи пола покрив над еден објект. Каде го има тоа?
Немаме намера да полемизираме со директорот на ГТЦ, велат сопствениците и закупците со кои разговаравме за непотизмот и додаваат:
– Различни ни се критериумите за тоа што е успех. Ние за успех не го сметаме тековното одржување, тоа е работа за која можеби над двесте вработени земаат плати и хонорари. Кога ние ги купувавме дуќаните или ги земавме под кирија, имаше еден концепт на ГТЦ. Никој не ни рече дека во ходниците ќе никнат времени објекти и киосци. Земи две талпи, заковај четири шајки и земај пари. Зошто тогаш ние инвестираме во нашите дуќани? Треба да знаете дека дуќаните се купени по цена од 5.000 до 7.000 германски марки за квадрат. Одржувањето скапо го плаќаме. И не може сега некој на улица да продава сладолед, цедени сокови, сендвичи, дрангулии, за симболична кирија. Дошла ли санитарна инспекција да праша како се продаваат сладолед и цедени сокови во објект без вода? Кај го има тоа, во Тунгузија? Прашал ли некој на кој начин се издадени тие ќумези? Имало ли оглас или лицитација? Или за времени објекти не треба оглас? Накусо, проблемот е во тоа што Трајчевски ја продолжува праксата ГТЦ да личи на бувљакот во Шутка. Ако тоа му е „светски“, тогаш човекот е за жалење – вели еден од сопствениците.
Плусинфо праша и неколку посетители на овој објект што мислат за ГТЦ сега, во споредба со порано.
– Се сеќавам кога го гушкавме ГТЦ, за да го одбраниме од барокот. Беше тоа луда идеја на Груевски. Ама и ова сега не го бива. Јас не гледам никакви промени на подобро. Сум посетила многу шопинг молови и трговски центри во Европа и она што прво се забележува овде во ГТЦ е дека отсуствуваат познати брендови. Не дека нема по некој, но општо земено, овде се чувствуваме како на пазар, некако евтино. Не е така во „Сити мол“, на пример. Тоа многу зборува за вредноста на трговскиот центар. Јас мислам дека главна задача на новиот директор е да донесе инвестиции и нови брендови, а за тоа ГТЦ треба брзо да се уреди и да се реновира. Па што е толку тешко прописно да се вароса, да се сменат плочниците, да се одржува беспрекорна хигиена? – вели скопјанка која редовно го посетува ГТЦ, бидејќи живее во непосредна близина.
Дуќанџиите и закупците се жалат и на „дивеењето“ на некои нивни колеги, кои дуќаните си ги „припуштиле“ во габаритот, онака на диво. Има неколку такви дуќани во ГТЦ. Трајчевски се брани дека за овие аномалии ги известил инспекциите, но закупците велат дека негова работа е да го реши проблемот.
– Ние знаеме – велат дуќанџиите – дека човекот е инженер, но според нашите информации, тој е шумарски инженер. Нека е и таков, сеедно. ГТЦ е голема фирма, со голем потенцијал. Ние мислиме дека треба да ја води посветен човек со големи менаџерски способности, со контакти со познати трговски компании, со визија како објектот да се развива. Така сите ќе добиеме, а не само партијата што го поставила на власт, која вака не добива ништо. Затоа Ѓоко не треба да се лути и секако не требало главна мисла во овие две години да му биде како да си ги вработи или унапреди роднините, или ќерката на Амди Бајрам, кој долги години неприкосновено владееше со ГТЦ. Од една брука во друга брука!