Грчко МНР: Да продолжат дипломатските напори во ОН за Сирија

Министерството за надворешни работи на Грција смета дека целта на меѓународната заедница треба и понатаму да биде изнаоѓање политичко и одржливо решение во Сирија.

50
ФОТО: EPA/ORESTIS PANAGIOTOU

Грција остро ја осудува употребата на хемиско оружје и ги поддржува обидите за нивно искоренување, а дипломатијата одново треба да се врати во прв план и да продолжат напорите во рамките на Обединетите нации, соопштуваат од грчкото Министерство за надворешни работи во врска со ракетните напади во Сирија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Министерството за надворешни работи на Грција смета дека целта на меѓународната заедница треба и понатаму да биде изнаоѓање политичко и одржливо решение во Сирија, што ќе го врати мирот и во земјата и во регионот, а со тоа ќе им дозволи и на милиони бегалци да се вратат во нивните домови.

„Во оваа насока ќе треба сите да придонесеме директно кон деескалација на ситуацијата и да се зајакнат напорите за прекин на огнот и пристап на хуманитарна помош до погоденото население. Дипломатијата треба да се врати во прв план и да продолжат обидите во рамките на Обединатите нации“, пишува во соопштението од грчкото МНР.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...