Грчки авиони од денеска го чуваат небото над Црна Гора

Заштитата на воздушниот простор е една од најзначајните форми на директна полза од членството на Црна Гора во НАТО.

274

Авиони на Воените воздухопловства на Италија и Грција, во соработка со Војската на Црна Гора, од денеска почнуваат со редовно патролирање низ црногорскиот воздушен простор и негова заштита, соопшти Министерството за одбрана во Подгорица.

– Заштитата на воздушниот простор е една од најзначајните форми на директна полза од членството на Црна Гора во НАТО. Црна Гора од сојузниците ќе добие поддршка за заштита на воздушниот простор преку мисија на НАТО од невоен карактер, се наведува во соопштението на црногорското Министерство.

Цел на мисиите на НАТО за контрола на воздушниот простор е да го штитат небото над земјите членки на Алијансата, кои немаат сопствени воени воздухопловства.

Во моментот во Европа постојат неколку такви мисии. Така, од 2009 година авиони на Италија и Грција го штитат и воздушниот простор на Албанија, додека Белгија, Холандија и Луксембург имаат заедничка мисија за заштита на небото над трите земји.

По повод стартот на мисијата за заштита на црногорскиот воздушен простор и во рамки на одбележувањето на годишнината од зачленувањето на земјата во НАТО, денеска во Црна Гора ќе биде организирана воена вежба на силите на Алијансата во која ќе се симулира приземјување на „авион натрапник“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...