Грчките медиуми во текстовите посветени на вчерашаната посета на папата Франциск на Северна Македонија акцентот го ставија на пораките што тој ги испрати за време на свечената литургија, но и на пречекот на скопскиот аеродром – традиционално со погача и сол, коментирајќи дека станува збор за прва и историска посета, јави дописничката на МИА од Атина.
„Скопје: Топол пречек за Папата Франциск“; „Иванов, Заев: Со леб и сол го пречекаа Папата во Скопје“, „Порака на мир и обединетост испрати папата Франциск од Скопје“, „Папата за прв пат во историјата ја посети Северна Македонија“; се дел од насловите во грчките медиуми.
– Порака за мир, обединетост и хармоничен соживот упати папата Франциск за време на свечената литургија одржана на централниот плоштад во Скопје на која присуствуваа над 10 илјади луѓе, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА.
Во централните изданија на вестите, со прилози, грчките телевизии информираа за посетата на папата на Скопје.
-За прв пат, поглавар на Римокатоличката црква ја посетува Северна Македонија. Папата Франциск на аеродромот во Скопје беше пречекан со сите почести. Задржувајќи го традиционалниот обичај, го послужија со леб и сол, објави грчката телевизија Скај
-Богата со пораки, првата, а затоа и историска посета на папата Франциск во Северна Македонија, коментираше државната телевизија ЕРТ на почетокот на прилогот посветен на посетата на папата на Скопје.
-На неговото последно официјално појавување како претседател, Ѓорѓе Иванов го прими папата Франциск. Поглаварот говореше за убавината на балканскиот мозаик што го обезбедуваат различните нации и религии, испраќајќи порака за мир, а положи венец и на споменикот на Мајка Тереза, која самиот ја прогласи за светица во 2016, објави ТВ Антена.
Грчките медиуми, во текстовите, освен пораките на папата ги пренесоа и ставовите на премиерот Зоран Заев.