Грчев: Малиот ринг чекаше храбар градоначалник да ја дооформи идејата на Танге

Во план е улицата Димитрие Чуповски да добие комплетно нов изглед, со уреден плочник и тротоари, а паркот „Жена борец“ да се прошири кон Собранието.

2938

Урбанистичкиот концепт со кој тесното централно градско подрачје на Скопје, во рамките на т.н. Мал ринг, треба да стане главно пешачка зона, потекнува уште од решението за послеземјотресното обновување на Скопје на светски познатиот архитект Кензо Танге. Може да се рече, дури, дека Тангеовиот „заштитен знак“ за скопското урбанистичко решение – Градскиот ѕид, е невозможно да се оствари комплетно без да се реализира Малиот Ринг, улицата Даме Груев, која треба да биде последниот сообраќаен кружен тек околу тесниот центар на градот, објаснува професорот Мирослав Грчев од Архитектонскиот факултет при УКИМ.

Деновиве градоначалникот на Скопје Петре Шилегов најави дека Градот планира делумно да ја затвори за сообраќај улицата Димитрие Чуповски и да ја прошири улицата Даме Груев откако претходно ќе ја урне зградата на „Макоил“ на улица Македонија.

– Идејата за правење на улицата Димитрие Чуповски во пешачка зона со ограничен сообраќај (само за јавен превоз) е постара и зависи од претходно обезбедување на соодветна сообраќајна алтернатива, поточно проширување на улицата Даме Груев и целокупниот сообраќај да се пренасочи по оваа улица, на потегот од раскрсницата кај трговскиот центар „Палома бјанка“ до Собранието. Една од заложбите на Град Скопје е обезбедување на поголем простор за движење на граѓаните, пред сѐ во Малиот ринг – рекоа од Град Скопје.

Професорот Грчев објаснува дека затворањето на улиците 11 Октомври и Димитрие Чупоски за индивидуален автомобилски и товарен сообраќај и нивно претворање во делумно пешачки простори, а делумно режимски сообраќај, е вцртано во урбанистичките планови за центарот на Скопје уште од Генералниот урбанистички план од 1965, Деталниот урбанистички план од 1967, а било преиспитувано и потврдувано како императив на градежното дооформување на центарот во сите ГУП-ови до денес – од 1985, 2002 и 2012, како и во сите Детални урбанистички планови.

– Значи, оваа темелна планерска идеја за дооформување на центарот на Скопје само го чекаше својот храбар градоначалник, кој нема да се уплаши од тешкотиите на оваа реализација. Тука мислам на зградите што треба да се урнат за да се реализира Малиот ринг во неговиот испланиран булеварски профил од два пати по две ленти, како и да се исправи неговата денес испрекршена, затната и од сѐ и сешто узурпирана траса. Се разбира, тука мислам и на секогаш присутните деструктивни реакции на опозицијата што градеше бесправни градби сред улица, узурпирајќи го јавниот простор, па сега ќе ја рационализира својата антиурбана, антиграѓанска и налудничава бесправна градба, наоѓајќи му маани на решението на градоначалникот Шилегов конечно да го заврши Тангеовиот Градски ѕид и центарот на Скопје, како што е планиран и потврдуван веќе половина век – вели Грчев.

Од Градот велат дека во моментов се изготвуваат соодветните проекти кои се во почетна фаза.

– Се планира целосно откупување и рушење на зградата „Макоил“, по што би се проширила улицата Даме Груев. По завршување на овие постапки, ќе се отвори можноста за интервенција на просторот на улицата Димитрие Чуповски, каде во план е тој дел да добие комплетно нов изглед, со уреден плочник и тротоари, а паркот „Жена борец“ да се прошири кон Собранието – велат од Град Скопје.

Овој проект бил повеќе години закочен поради проблемите со објектот кој се наоѓа на трасата на оваа улица, „Макоил“ (поранешна зграда на „Макотекс“) на улицата Македонија, која го попречува проширувањето на улицата. Но, како што вели Грчев, уривањето на овој објект и не мора да биде причина за стравување од ново загадување на воздухот во ценатрот на Скопје зашто денес постојат многу неинвазивни методи за уривање на бетонски градби, со кружни синџирести пили за бетон, со сечење со вода под притисок, со песочни високопритисни топови, а дури, како што вели тој, и вистински стручното пунктуално динамитирање во светот се врши со хируршка прецизност и безбедност.

– Правот што ќе се крене од уривањето ќе биде помалку од 1 промил од прашиништата што веќе ги голтаме поради огромните и опскурни градби што ја уништија трасата на јужниот булевар или градското сајмиште – додава Грчев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...