Грција и Македонија почнаа да добиваат гас преку „Турски тек“

904

Русија започна да испраќа гас во Бугарија, Грција и Македонија преку новиот гасовод „Турски тек“, објави Булгартрансгаз, наведувајќи дека ова е начин за намалување на снабдувањето преку Украина.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Русија го гради Турски тек и работи на двојно зголемување на капацитетот на гасоводот „Северен поток“, со кој преку Балтичкото Море испраќа гас до Германија, како дел од плановите за заобиколување на Украина кон европскиот пазар.

– Испораките на руски гас не само за нас, туку и за Грција и Северна Македонија одат преку нова влезна точка (на нашата граница со Турција) – изјави директорот на Булгартрансгаз, Владимир Малинов, за бугарското национално радио БНР.

Рускиот „Гаспром“ на 1 јануари започна да испраќа околу 3 милијарди кубни метри гас до Бугарија преку Турски тек, заменувајќи ја поранешната рута преку Украина и Романија, пренесува Ројтерс.

Минатата година „Гаспром“ испорача околу 3 милијарди кубни метри гас за Грција и околу 500.000 милиони гас во Северна Македонија.

Малинов рече дека Трансбалканскиот гасовод сега не работи, но додаде дека може да се искористи за испраќање на гас во Романија, Молдавија и Украина доколку побарувачката се зголеми.

Русија го гради Турскиот тек со два цевководи, секој со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри гас годишно, пренесува Танјуг.

Првиот цевковод е наменет за Турција, а вториот ќе оди понатаму, од Бугарија до Србија и Унгарија.

Бугарија се надева дека ќе може да започне со испорака на гас за Србија до мај и планира да ја изгради целата делница до крајот на годинава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...