Со одлука на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се формира ново Министерство – за миграција и азил. Министер ќе биде досегашниот заменик министер за труд, Нотис Митаракис, соопшти денеска портпаролот на владата, Стелиос Пецас.
Алтернативен министер ќе биде Јоргос Кумуцакос кој и досега беше надлежен за миграциска политика, но во рамките на Министерството за цивилна заштита.
-Владата уште од прв момент следеше различна политика во бегалското- мигрантското прашање. Со комплетен план базиран на четири оски: заштита на нашите граници, забрзување на процедурите за азил, зголемени враќања, затворени центри. И сето ова, паралелно, спроведувајќи празнење на островите што го имаат најголемиот товар во приемот на бегалците и мигрантите, но и со нејзината интернационализација на проблемот во сите меѓународни форуми. Она што е потребно е брза имплементација на овој план – рече Пецас, објаснувајќи ја одлуката на грчкиот премиер за формирање посебно Министерство.
Прашањата поврзани со миграцијата, по изборите на 7 јули 2019 година и промената на власта во Грција, од посебното министерство кое постоеше претходно, беа ставени во надлежност на Министерството за цивилна заштита.