Грците ќе се запознаат како „оживеа“ постземјотресно Скопје

Опфатени се над 20 згради, дел со макети, дел со цртежи. И во еден мал сегмент е денешната, современата состојба во Скопје, чисто како коментар на денешницата, а не со цел да се нагласи Скопје 2014.

389

Макети од објекти изградени по земјотресот во Скопје, фотографии и дел посветен на грчкиот архитект Константинос Доксијадис се само дел од она што можат да го видат посетителите на атинскиот музеј „Бенаки“, на изложбата посветена на постземјотресно Скопје што вчера беше свечено отворена.

Во рамки на потпишаниот меморандум за соработка меѓу град Скопје и град Атина, по иницијатива на архитекти од Македонија и Грција, кои воедно се и куратори на изложбата и со поддршка и во соработка со Грчкиот институт за архитектура, Музејот на град Скопје, Музејот „Бенаки“ од Атина, и град Скопје и Oпштина Атина, Грците до 17 февруари 2019 ќе имаат можност да се запознаат како одново беше градена македонската престолнина по катастрофалниот земјотрес во 1963.

Целиот проект насловен „Иднината како проект/ Доксијадис во Скопје“, е заеднички напор на Калиопи Амигдалу и Костас Циамбаос од грчка и Ана Ивановска- Дескова, Јован Ивановски, Владимир Десков од македонска страна, кои воедно се и куратори на изложбата.

Во текот на следната година, се очекува целиот проект од Атина да се пресели во Скопје и изложбата да биде претставена и пред македонската јавност.

Кураторката Ана Ивановска –Дескова во разговор со дописничката на МИА од Атина, го открива концептот на изложбата и потенцира дека идејата на целиот тим била да го обединат на едно место знаењето за Скопје и постземјотресната обнова, но и да се започне културна и научна соработка, прва од ваков тип, меѓу двата главни градови.

-Изложбата почнува со приказната за земјотресот, потоа е делот за учеството на Доксијадис во рамки на планирањето на градот Скопје, има многу мал сегмент што се однесува на Кензо Тзанге и планот за центарот на Скопје, потоа дел со архитектурата на постземјотресната обнова која што е прикажана во архитектонски модели и преку факсимили од оригинални цртежи од различни проекти, за различни згради. Опфатени се над 20 згради, дел со макети дел со цртежи. И во еден мал сегмент е денешната, современата состојба во Скопје, чисто како коментар на денешницата, а не со цел да се нагласи Скопје 2014 – вели Ана Ивановска –Дескова која заедно со Владимир Десков и Јован Ивановски е дел од тимот куратори.

Особено импресивен дел од изложбата се скопските објекти претставени преку макети, како на пример студентскиот дом „Гоце Делчев“, поранешниот објект на владата на Република Македонија, станбена зграда во Аеродром, зградата на поштата и слично, изработени од 10 член тим на поранешни и сегашни студенти.

-Тоа е тим од млади ентузијасти кои веруваат во нашата работа и кои врз база на личен ентузијазам, преку волонтерска работа, истражуваат, документираат, не е само изработка на макети, туку е пронаоѓање на документацијата, прецртување, правење тродимензионални модели и изработка макети од различен материјал, главно во медиапан. Имаме веќе збирка од над 35 различни згради во Скопје. Идејата е да го документираме знаењето за тие згради, дел од нив се променети, не се веќе во изворната состојба, дел од нив се загрозени од различни причини, стареат лошо или се поправани на несоодветни начини, така да сакаме да го сочуваме знаењето за нивната изворна состојба, која што е највредна состојба – објаснува Ивановска –Дескова.

А токму поради тоа што не станува збор за класична изложба, туку изложба плод на истражување е нешто што според Илиас Констандопулос претседателот на Грчкиот институт за архитектура, ја прави посебна самата изложба.

-Овој проект е нешто што грчкиот институт за архитектура сакаше да го охрабри. Правиме изложби за модерна архитектура, за млади, но делот посветен на истражувањето, што е тежок надвор од факултетите, овде е реалност – вели за МИА, Констандопулос од Грчкиот институт за архитектура.

Тој додава дека многу фактори биле важни како оној дека станува збор за две соседните земји, но уште поважен е фактот што во музејот „Бенаки“, се наоѓа и архивата на Доксијадис, што е претставува огромен извор, но и податок помалку познат не само во македонската, туку и во грчката јавност.

Големата заслуга на грчкиот архитект Доксијадис во планирањето и обновата на Скопје ја споменува и Антонио Павловски од одделение за култура во кабинетот на градоначалникот на град Скопје во разговор со дописничката на МИА од Атина, кој вели дека за она што го имаме како архитектонско наследство во Скопје и особено е заслужен и Константинос Доксијадис.

-Изложбата посветена на Доксијадис е плод на нашиот договор што го потпишаа двајцата градоначалници, градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов во април оваа година и ние искрено веруваме дека оваа изложба е една од многуте наши заеднички соработки кои во иднина ќе се случуваат меѓу двата града – вели Павловски, кој воедно се обрати на свеченото отворање на изложбата, на присутните им пренесе поздрав од скопскиот градоначалник, за кој рече дека оправдано не можеше да присуствува и истакна дека град Скопје ќе продолжи да ги поддржува ваквите настани.

На присутните им се обрати и директорката на Музејот на Град Скопје, Фросина Зафировска, која изрази надеж дека следната година, изложбата ќе дојде во македонската престолнина.

И кураторката Ана Ивановска –Дескова и Антонио Павловски од град Скопје, во разговорот за МИА рекоа дека истата оваа изложба ја очекуваат во Скопје идната година.

Конференција за планирањето и обновата на постземјотресно Скопје

На свеченото отворање на изложбата, му претходеше еднодневна конференција во две сесии. На првата сесија на тема „Обновата на Скопје“ говореа Инес Толиќ од Универзитетот во Болоња, Костас Циамбаос од Државниот технички универзитет во Атина и Влатко П. Коробар од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

На втората сесија на тема „Во потрага по нова архитектонска иднина“ за архитектурата на пост-земјотресната обнова на Скопје говореше Ана Ивановска- Дескова, која на присутните им ги претстави најважните објекти по земјотресот: основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, Музејот на современа уметност, ГТЦ, железничката станица, Студентскиот дом „Гоце Делчев“, зградите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и слично.

Зоран Петровски, пак, говореше за изградбата и хронологијата на Музејот на современата уметност.

Иако салата во атинскиот музеј „Бенаки“ не беше полна, сепак кураторката Ана Ивановска –Дескова, вели дека е задоволна од конференцијата.

-Оние луѓе кои што беа таму, навистина беа вклучени во дискусијата, имаше доста прашања, се интересираа, така да за мене тоа е позитивна реакција и укажува на тоа дека има интерес за изложбата – вели Ивановска –Дескова.

Во дискусијата со публиката, голем дел од прашањата до говорниците беа посветени на проектот „Скопје 2014“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Тоа е актуелна тема, тема која што е дури малку чудна за меѓународната јавност од причина што, да се делува на тој начин, денес е невообичаено, да се гради во 21 век архитектура која што е некаква реплика на истористички стилови е малку чудно, посебно кога има политичка конотација во позадина и јасно е дека тој проект има идеја да го избрише модернистичкото наследство на градот Скопје и веројатно оттука е вниманието и интересот за самиот проект – вели Ана Ивановска –Дескова, во разговор за МИА во однос на прашањата од публиката посветени на „Скопје 2014“.

-Тоа беше многу грдо и за самите наши колеги од Скопје. Еве еден колега од тука, што е сега на изложбата, ми вели дека немал идеја за ова што го прикажува изложбата. Луѓето тука не знаеја дека и внатре во земјата имаше реакции дека тој проект ја уништува историјата на градот, коментира за МИА претседателот на грчкиот институт за архитектура, Илиас Констандопулос.

Во рамките на „Иднината како проект/ Доксијадис во Скопје“, денес планирани се две тури низ изложбата кои уште од пред неколку дена се со веќе пополнети места, а ќе се одржи тркалезна маса со говорници од Грција на која ќе се презентира публикација.  Ана Ивановска- Дескова, вели дека публикацијата всушност  не е обичен каталог, туку е книга, додека пак претседател на грчкиот институт за архитектура Илиас Констандопулос вели дека тоа е дело производ на истражување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...