Граѓани ќе предлагаат кој да добие награда за туризам

Покрај граѓаните, право на предлози за признанија имаат институции, претпријатија, здруженија на граѓани, комори и општини.

107

Министерството за економија го објави годинешниот конкурс за признание за придонес во туризмот, кој ги диференцира најуспешните во следните категории: хотел (поткатегории: спа, планински, езерски, градски и нова инвестиција), ресторан, сместувачки капацитет од физичко лице, туристичка агенција, туристичка агенција за дојдовен туризам, манифестација од областа на туризмот, туристички водич и најдобар реализиран проект од областа на туризмот.

Конкурсот ќе трае до 9 септември, а најуспешните ќе добијат признанија на традиционалната свеченост на која Министерството за економија го одбележува Светскиот ден на туризмот – 27 септември.

Наградата е нематеријална и има за цел да даде почит на сите поединци, здруженија на граѓани и претпријатија кои изминатата година дале свој придонес кон растот и развојот на туризмот во Република Македонија и да ги потврди добрите практики на сите чинители во туризмот во земјата.

Новитет е што годинава, покрај туристичките работници преку своите деловни здруженија, предлози за најуспешните во споменатите категории можат да даваат и самите потрошувачи, поточно туристите, преку формулар за аплицирање, кој е ставен на веб страната на Министерството за економија, заедно со насоки за аплицирање, со образложение зошто го предлагаат токму тој туристички производ.

Предлозите се доставуваат во писмена форма на формулар за пријава по пошта или преку Архивата на Министерството за економија.

Предлозите ќе ги разгледа посебна комисија кој ќе го направи и изборот врз однапред утврдени критериуми, а во секоја категорија и поткатегорија предвидено е да се доделат по три признанија.

Покрај граѓаните, право на предлози за признанија имаат институции, претпријатија, здруженија на граѓани, комори и општини.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...