Ако им се понудат пониски цени за разговор во мобилната телефонија 61,2 отсто од испитаниците опфатени со последната анкета на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) би го смениле мобилниот оператор, 43,6 отсто тоа би го направиле за пониски цени на СМС/ММС и дата податоци, а 37,3 отсто за поевтин мобилен интернет. Побрз мобилен интернет, најсовремени телефонски апарати и подобра грижа за корисници би биле причина за промена на операторот за 24,6 отсто, а подобар квалитет на говорни услуги 22,8 отсто.
Анкетата е спроведена од 27 септември до 12 октомври лани на територијата на државава на случаен репрезентативен примерок од 1100 испитаници корисници на некоја од електронските комуникациски услуги: фиксна телефонија, мобилна телефонија, интернет и телевизија.
Во анкетата 60,8 отсто се изјасниле дека би го смениле мобилниот оператор доколку сегашниот ја зголеми цената на услугите за 10 отсто.
Процентот на корисници на интернет преку мобилен телефон е во постојан пораст и во 2018 година достигнал 67,8 отсто. Најголемиот дел од корисниците на интернет преку мобилен телефон (96,1 отсто) користат апликации за комуникација меѓу кои најкористени се Вибер (98,8 отсто) и Фејсбук месинџер (87 отсто).
Повеќе од половина (55,1 отсто) од лицата што не користат интернет преку мобилен телефон навеле дека немаат потреба од оваа услуга, 33,8 отсто рекле дека моделот на мобилен телефон не им го дозволува тоа, а 25,1 отсто не знаат како да го користат, а за 26,5 отсто причина се превисоките цени.
Бројот на корисниците на мобилна телефонија постојано бележи благ пораст и во 2018 година изнесува 96,8 проценти.За 60 отсто од корисниците главен оператор е Вип.Оне додека Македонски Телеком за 39 отсто. Лајкамобајл има минимално учество на пазарот од еден отсто. Бројот на постпејд корисници на мобилна телефонија постојано се зголемува.
Паметните телефони и понатаму со голема динамика ги заменуваат обичните мобилни телефони. Во 2018 година веќе 81 отсто од корисниците на мобилна телефонија поседуваат паметен телефон.
Во последните три години се забележува стагнација на бројот на домаќинствата кои поседуваат фиксна телефонска линија меѓутоа користењето на оваа услуга од лицата кои ја поседуваат постојано се намалува, односно скоро половина од испитаниците што поседуваат фиксна линија никогаш не ја користат за повици кон фиксни и кон мобилни мрежи.
Најголем дел од корисниците на фиксна телефонија се постпејд корисници (93,3 отсто) што останува на исто ниво како и претходната година. Македонски Телеком и понатаму има најголем пазарен удел со 58,8 отсто кој останува стабилен во последните три години.
Речиси сите (96,9 отсто) од испитаниците кои не користат фиксна телефонија се изјасниле дека не се заинтересирани да станат корисници на оваа услуга во годината што претстои, покажува испитувањето на јавното мислење на резиденцијалните корисници во однос на пазарот на електронски комуникации во Македонија.