Граѓаните лани имаa проблем и со брзите кредити и камати покрај со расипаните производи и храна

Лани не изостанале и проблемите на граѓаните со сметките на телекомуникациските операторите како: мрежното покривање, менување на тарифата, надоместокот кој се наплаќа при повторно вклучување во мрежата, ако потрошувачот бил исклучен поради неплаќање на сметката.

712

Брзите кредити, каматните стапки, комуналните сметки, услугите на телекомуникациските оператори, туристичките организации и јавните претпријатија, но и неисправна техника, сервисните рокови за расипан производ се само дел од услугите на кои се пожалиле граѓаните во Организацијата на потрошувачи лани.

Совет од оваа организација лани побарале 2.886. Од нив 2.142 биле телефонски, 485 лични, 228 електронски и 21 преку редовна пошта.

Според извештајот на Организацијата на потрошувачи околу 17 отсто од поплаките се однесуваат на технички апарати, 10 отсто за телекомуникациски услуги, 7 отсто за производи за лична употреба, 5 отсто за производи кои се користат во домот, 4 отсто за туристички патувања.

Граѓаните лани многу повеќе од порано побарале помош да решат проблеми при користење на банкарските услуги при што доминираат проблемите со  пресметка на камата, затворање/отворање на сметка или кредит итн.

– Голем број поплаки на потрошувачите се однесуваат на брзите кредити кои ги нудат финансиските друштва со огромна каматна стапка, искористувајќи ја правната празнина во правната регулатива, имајќи го предвид фактот што кредитите до 200 евра не беа опфатени со Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, но не беше ограничена ниту каматната стапка – велат од ОПМ.

Лани не изостанале и проблемите на граѓаните со сметките на телекомуникациските операторите како: мрежното покривање, менување на тарифата, надоместокот кој се наплаќа при повторно вклучување во мрежата, ако потрошувачот бил исклучен поради неплаќање на сметката.

Посебен проблем на кој се пожалиле граѓаните се паушалните сметки и наплатување на заостанати долгови за испораката на електрична и топлинска енергија и честите прекини во испораката на услугата.

Во комуналните услуги најголем број поплаки имало за водоснабдувањето.

– Потрошувачите велат дека се соочуваат со проблеми во комуницијата со јавното претпријатие со кое не можат да најдат заеднички јазик во однос на проблемот со заостанатиот долг или исправноста на мерниот апарат, како и нередовно читање на мерни апарати. Оваа година забележуваме и зголемување на поплаките во однос на управувањето со смет- велат од ОПМ.

Во однос на храната, најголем број од претставките се однесуваа на декларацијата на производите, за која потрошувачите велеа дека е со премногу мали букви, дека воопшто ја нема, дека не е на македонски јазик и кирилско писмо итн. Исто така имаше и пријави за производи со поминат рок или неквалитетни производи).

Како и во изминатите години, меѓутоа најголем број поплаки лани се однесувале на неисполнување на правото за замена на технички производи со недостаток како и во однос на рокот за сервисирање и замена на апарат кој е расипан.

– Голем број на поплаки во изминатиот период пристигнаа за неквалитетна изработка на разни видови мебел, како и непочитување на одредби од договорот за изработка и продажба на мебел и негово доставување во рок од 30 дена, согласно Законот за заштита на потрошувачите како и Законот за облигациони односи, при што во овие ситуации кога се работи за договори со фиксен рок, откако ќе истече рокот за достава, договорот за продажба се раскинува ex-lege односно по сила на самиот закон – велат од Организацијата на потрошувачи.

Во однос на производите за лична употреба, повторно голем број поплаки од потрошувачите има за обувки и облека, односно потрошувачите се жалеа на неквалитетен материјал кој веднаш се оштетил, но затоа што биле отпакувани и малку извиткани потрошувачите не можат да го остварат правото да го вратат производот.

И лани проблемите со туристичките патувања не изостанаа, иако ситуацијата е подобрена велат од Оранизацијата на потрошувачи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...