Грации, покажете ја странската сметка на Миле, па нека има пиштење вриштење!

Обвинетиот Миле Јанакиески на специјалните обвинителки им фрли ракавица – ако докажете дека имам сметка во странство, прифаќам спогодба и за доживотен затвор! Фер понуда. Ме копка вистината и затоа мислам дека СЈО треба да го прифати предизвикот. Дајте да ги видиме сметките и на Миле и на Кирил Божиновски во странски банки!

7717

Кога ќе се спомне името на Миле Јанакиески, поранешниот министер за транспорт и врски, човек од голема доверба на поранешниот премиер и сегашен бегалец Никола Груевски, сакале или не, сеќавањето нѐ навраќа на „бомбите“ на Заев. Миле за себе сака да мисли дека е една од жртвите на масовните нелегални прислушувања. Но, ние не можеме да ги сметнеме од умот неговите незаборавни реплики (на пример, онаа – ќе има пиштење вриштење!), кои засекогаш ја обликуваа јавната перцепција за овој млад човек. Во таа смисла, да, тој навистина е жртва, но на опиеноста од власта и на сопствената лојалност и снисходливост кон еден бескруполозен диктатор.

Како и да е, Миле Јанакиески не е обвинет за неговите карактерни мизерии, туку за конкретни кривични дела. По бегството на Груевски, Миле е ставен во притвор со судска одлука, на барање на Специјалното јавно обвинителство, кое, пак, се темелело на службена белешка од МВР. Во таа белешка наводно се тврдело дека Јанакиески преку посредник барал од претседателот Ѓорѓе Иванов да донесе амнестија (што не е основа да биде притворен), а во спротивно, му преостанувало само да избега, што би му било олеснето бидејќи имал сметки во странство (ова последново бездруго може да се толкува како доказ дека постои опасност обвинетиот да се даде во бегство).

Но, Миле тврди дека белешката на МВР е подготвена истиот ден кога Груевски избегал од Македонија, дека таа е фингирана и, најважно од сѐ, дека тој нема ниту една сметка во странство. „Ако постои и една сметка, а камо ли повеќе, спремен сум да склучам спогодба на онолку години колку што ќе каже СЈО. Само нека докажат и утре ќе склучам спогодба, ако треба и на доживотен затвор“, вели Јанакиески.

Е сега, ние можеме да се подбиваме со оваа понуда и бездруго можеме да одлучиме и да не ја коментираме одлуката на судот. Но, да бидам искрен, мене ме копка вистината. Нема ништо полесно од тоа СЈО да ја прифати фрлената ракавица, да ги соопшти странските сметки на Миле, потоа под носот да му се стави спогодба во која го признава делото и прифаќа да ја одлежи максималната предвидена казна и да му се каже – бујрум, момче, ако знаеш да лаеш, ќе знаеш и да потпишеш!

Мислам дека тоа би било фер постапка од страна на СЈО. Кога веќе човекот се нуди и бара да се соопшти вистината. Истото се однесува и на поранешниот генерален секретар во владата, Кирил Божиновски, кој тврди дека никогаш не поседувал и ниту сега поседува сметка во странство. Во крајна линија, убаво би било јавноста да ги види доказите со кои се поткрепуваат барањата и одлуките за притворање на сите лица после бегството на Груевски, бидејќи тоа е најкоректниот и најелегантниот начин да се убедиме дека притворите нe се одмазда за кукавичкиот чин на поранешниот диктатор.

Знам дека на поголемиот дел од луѓето, кога ќе се спомне СЈО, не им е потребно ништо да им се докажува. Но, јас сум дел од малцинството кое мисли дека тоа не е здраво. Ги почитувам напорите на обвинителките да ги докажат злоделата на водечките луѓе од бившиот режим, но лично „судам“ само врз основа на докази. Зашто, доказите и вистината се најмоќното оружје во борбата злото никогаш да не се повтори.

Затоа, ајде да ги видиме доказите (сметките) и еднаш засекогаш на Миле, на пример, да му ја затнеме муцката. Па нека има пиштење вриштење! Е сега, малку незгодно ќе биде ако докази нема…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...