Грантови на Фондот за Западен Балкан за четири невладини организации од земјава

265

Четири организации од земјава се добитници на грантови од вториот повик на Фондот за Западен Балкан во областа на животната средина, култура, образование и научна размена, млади… Од вкупно 245 организации од регионот што аплицирале за грантови избрани се 24 организации чии активности ќе се финансиираат. Грантовите беа доделени вчера на церемонија организирана од Секретаријатот на Фондот во Тирана. Повикот беше отворен од 13 декември 2018 до 8 јануари 2019 година.

Добитници на грантови од земјава се Хелсиншки комитет за човекови права, Центар за младински активизам, МакеДокс и Европскиот институт за развојни студии. Во присуство на претставници од WB6 (составена од шесте земји од Западен Балкан: нашата земја, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, претставници од дипломатските претставништва, граѓански организации и други гости, церемонијата на WBF симболично почна со фазата на имплементација на проектите од вториот повик, чија цел е да се зајакне регионалната соработка и контактите меѓу луѓето во нашиот регион преку спроведување на соодветни активности и зајакнување на синергиите преку заемни напори.

– Ние, во WBF веруваме дека во нашиот регион имаме многу заеднички вредности што не поврзуваат, што треба да биде споделено. Запознавајќи се подобро едни со други и со нашите соседи, кои работат за истите цели, е вистинскиот пат за создавање и збогатување на нашиот регионален идентитет и градење на нашата заедничка европска иднина – нагласи Ѓерѓ Мура, извршен директор на Фондот за Западен Балкан.

– Зајакнувањето и подобрувањето на регионалните односи е едно експлицитно барање на земјите на регионот од Западен Балкан кон патот за интегрирање во Европската унија. Во овој контест, би сакал да ја потенцирам улогата на Западен Балкан и големото достигнување на регионот, кој како главна цел го има зголемувањето на соработка меѓу земјите-членки и да се зајакне регионалната кохезија со цел да се напредува кон интеграцијата во ЕУ – нагласи амбасадорот на нашата земја во Република Албанија Данчо Марковски.

Мила Карадафова од Центарот за младински активизам КРИК рече дека идејата со која тие аплицирале е во насока на социјалната инклузија на лицата со попреченост.

– Идејата со која КРИК аплицираше е во партнерство со организации од Тирана, Албанија и Призрен, Косово. Активностите се во насока на социјална инклузија на лицата со попреченост, со цел да се обезбеди тренинг програма каде младинските работници ќе може да ги научиме и да се обучат за работа со лица со попреченост во мешани групи. Понатаму, целиот процес продолжува со активности во државите од каде доаѓаат партнерите и на крај го затвараме целиот процес со еден младински извиднички инклузивен камп, што ќе се случи во Охрид – нагласи Карадафова.

Мисијата на Фондот за Западен Балкан е да промовира  развој на поблиска соработка и зајакнување на врските меѓу договорните страни, интеграција на договорните страни во ЕУ, заедничка презентација на договорните страни на WBF во трети земји.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...