Македонските уметници донираа околу 70 дела, во рамки на иницијативата „Донирај уметност“ на графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула.
Иницијативата започна како израз на солидарност на градот Скопје со настраданите во пожарот кој го зафати предградието на Атина, Атика на 24 јули, а во кој загинаа 91 жител.
– Во името на иницијативата „Донирај уметност“ сакам да ве информирам дека Град Скопје ни излезе во пресрет и ја прифати нашата колекција која и официјално ќе биде подарок од градот Скопје за градот Атина. Целосната логистика за испраќање на делата ја презеде Градот, како и можноста оваа колекција да биде претставена пред граѓаните преку изложба пред да биде испратена во Атина – соопшти Кардула преку неговиот профил на Фејсбук.
Изложбата би била крајот на август или почетокот на септември, а донацијата ќе биде испратена кон крајот на септември или почетокот на октомври.