Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска беше во посета на Општина Градско за да види како оди напредокот на решавањето на комуналните проблеми на граѓаните на општината.
– Задоволен сум од она што го видов. Се наоѓаме во парк што урбано го среди Општина Градско со сопствени средства во вредност од 4,5 милиони денари, а позади нас е и градинката на која и се проширени капацитети за нови 20 дечиња со средства од Министерството за труд и социјална политика во износ од два милиона денари – изјави Анѓушев и посочи дека сега во градинката можат да бидат згрижени 50 деца што ги задоволува потребите на Градско.
Тој потенцира дека е решен и 30-годишниот проблем со водоснабдување во Градско со изградба на бунар, а обезбедени се 20 милиони денари од Агенцијата за поддршка на руралниот развој за реконструкција на патот од Градско до Чичево во должина од 1,8 километри, како и за две улици во населеното место Водоврати преку Програмата за рамномерен регионален развој, како и средства за канти за отпадоци и поцинкувани контејнери во Градско.
– Ќе се обезбедат и средства во рамките на Програмата за поддршка на општините за локални патиште за изградба на патишта во општина Градско. До крајот на годината ќе заврши тендерирањето, а во наредната година ќе почне имплементацијата. Обезбедни се и средства за изградба на канлизација во населеното место Стопанство и во уште едно населено место. Со тоа јасно покажуваме дека Владата е определена да направи колку што е можно подобри услови за живеење во целата држава и да имаме колку што е можно порамномерен развој во државата – потенцира Анѓушев.
Најави дека до крајот на годинава ќе се најде решение и за сточарите во Градско, кои имаат потреба од обработливо земјоделско земјиште за производство на храна за своите стада.
Градоначалникот на Општина Градско Роберт Бешовски посочи дека општината обезбеди средства во вредност од пет милиони денари за изградба на откупен центар на отворен простор преку Центарот за развој на Вардарскиот плански развој и Бирото за регинолен развој при Министерството за локлана самоуправа.
– Веќе е избрана фирмата и наскоро треба да се почне со изградба. Покрај тоа, ќе се гради и канализација во село Горно Чичево за што се обезбедени средства од Министерството за животна средина и просторно планирање. Постапката за јавна набавка е завршена и наскоро ќе почне изградбата – рече Бешовски.