Потребен е ангажман на повеќе институции што се занимаваат со заштита на шумите и кои имаат поголем увид и експертиза во справувањето со шимшировиот молец. Вака велат од Град Скопје околу прашањето дали годинава ќе се прска против овие пеперутки на Матка, Водно, но и во Скопје.
Шимширот е многу важен за нас бидејќи нѐ штити од аерозагадување.
– Голем процент од шумата на Водно е од шимшир. Има и црн и бел бор, јасен и други дрвни видови, ама шимширот секаде го има, низ целата површина. Иако е мало дрво, грмушка, сепак станува збор за дрво кое живее 400 години. Има голема лисна маса, постојано продуцира кислород – појасни проф. д-р Стерја Начески, ентомолог од Катедрата за заштита на шумите и дрвото при Шумарскиот факултет во Скопје со кого Плусинфо разговараше на оваа тема.
За третирање на овој штетник потребен е мониторинг за да се види кога ќе почнат првите појавувања на пеперутките, за навремено да се реагира.
– Во нашата програма не е предвидено третирање против вакви инсекти бидејќи се нема појавено потреба за тоа. Градот Скопје не може да чува залиха за прскање за сите видови инсекти кои потенцијално може да се појават во шумските предели во и околу скопскиот регион. Затоа е потребен ангажман на повеќе институции кои што се бават со заштита на шумите и кои имаат поголем увид и експертиза во справувањето на овој вид на појави – одговорија од Градот.
Оштетени зеленики пред Министерството за финансии во Скопје
Лани Градот соопшти дека утврдил оти шимшировиот молец ја нападнал и планината Водно, но дека било доцна да се третира, а за годинава доколку има потреба ќе се интервенира преку авионско прскање со посебни препарати.
– Стручните лица на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве беа на терен каде ја детектираа појавата на гасеницата, т.н. молец на зеленика (cydalima perspectalis walker) во парк-шумата Водно и дел од Сарај, која има штетен ефект на дрвјата. По консултации со стручни лица од Шумарскиот факултет, констатирано е дека оваа година е доцна да се третира против овој инсект, дека е потребно да се следи состојбата и наредната година, кога временските услови ќе бидат оптимални, доколку има потреба да се интервенира преку авионско прскање со посебни препарати – рекоа лани во август од Градот за Плусинфо.