Неквалитетни тендерски постапки во институциите, како и задоцнето донесување на Деталните урбанистички планови во општините ја кочат изградбата на инфрaструктурните проекти и изградбата на станови за продажба и ги доведуваат компаниите на работ на егзистенција и без вработени. Ова денеска го посочија од Градежната комора при Сојузот на комори.
Претседателот на Градежната комора, Ивица Јаќимовски, рече дека е потребна подобра подготовка на тендерите за забрзување на реализацијата на инфраструктурните проекти, а во делот на високоградбата побара формирање на меѓуресорно тело, во кое ќе учествуваат претставници на Градежната комора, Владата и општините, што ќе гарантира и резултира со побрзо придвижување на секторот.
– Компаниите се соочуваат со проблеми во спроведувањето на јавните набавки, честите менувања на плановите за јавни набавки, слабата реализација на плановите за јавни набавки, несоодветната процена на вредноста на набавките и лошата временска рамка на набавките. Потребно е да се обучи државната администрација за да може јавните набавки да се извршуваат поквалитетно, согласно новиот Закон и да се реализираат предвидените средства за капитални инвестиции, за интензивирање и нивна реализација – вели Јаќимовски.
Според него, институциите треба да развиваат свои подетални упатства за пресметка на проценетата вредност на набавките. Тоа ќе даде можност да се земат предвид спецификите на различните сектори и природата на набавката која се спроведува, поточно дали станува збор за градежништво во случајот или друг сектор.
Во делот на високоградбата тој информира за зголемените трошоци на компаниите поради одливот на кадарот и зголемените цени на репроматеријалите за околу 15 отсто. Тоа, како што рече, ќе влијае и на новите цени на становите кои ќе растат соодветно на порастот на трошоците.
Посебен проблем во застојот на работењето кој е предизвикан поради недонесени урбанистички планови е одливот на кадар кој не може потоа да се најде.
– Тоа пак влијае и на зголемувањето на трошоците за работа на компаниите бидејќи освен што во услови на неработење, треба да го одржуваат кадарот, треба и да бараат нов бидејќи обучениот си бара подобри услови – вели Јаќимовски.
Од Градежната комора очекуваат во следен период во делот на вискоградбата засилување на работата на општините и што поскоро изготвување на Детални урбанистички планови, а во делот на нискоградбата успешно и непречено спроведување на постапките за јавни набавки.