Градежниците бараат забрзување на инвестициите

Воспоставување на организиран начин на дејствување ќе значи поттик за остварување на планирани инвестиции не само за градежните компании, туку и за над 20 други стопански гранки директно поврзани со градежништвото - рекол Јакимовски.

120

Подобрување на состојбата во градежниот сектор, кој во изминатите два квартали бележи стагнација, била тема на разговор на средбата на претставници од градежната комора на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и претставници од кабинетот на премиерот Зоран Заев.

Како што соопштија од ССК, претседателот на Градежната комора Ивица Јакимовски ги претставил стратешките цели, како и потребата од редовни состаноци со претставниците на државните институции со цел воспоставување квалитетен јавно приватен дијалог кој треба да има долгорочни позитивни ефекти врз условите за водење на бизнис на компаниите кои несомнено придонесуваат кон севкупниот економски развој.

– Воспоставување на организиран начин на дејствување ќе значи поттик за остварување на планирани инвестиции не само за градежните компании, туку и за над 20 други стопански гранки директно поврзани со градежништвото – рекол Јакимовски.

Градежната комора при ССК активно работи на подобрување на состојбата во секторот градежништво и во таа насока соработката со сите релевантни чинители во секторот е особено важно за создавање на услови за модерна урбанистичка средина.

Сојузот на стопански комори на Македонија се залага за унапредување на условите за водење на бизнис, за обезбедување на правна сигурност на компаниите како услов за реализацијата на инвестициите, како и отвореност за соработка со релевантните чинители во насока на стратешко и долгорочно планирање на идни проекти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...