Примената на квалитетни материјали во градежништвото е предуслов за безбедност, долгорочност и издржливост на градбите, и на крај од тоа корист добиваме сите, државата, градежниците и граѓаните. Ова денеска го порача министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој ја отвори конференцијата „Квалитетна арматура – безбедни градби“ организирана од компанијата „Дојран стил“.
– Како ресорно Министерство посветено работиме на примена на европските стандарди во градежништвото како гаранција за квалитетно и безбедно градење. Интензивно работиме на креирање нов Закон за градење со цел унапредување на градежниот сектор во земјава – рече Сугарески.
Тој информира дека првичната верзија на законот веќе ја испратиле на разгледување до сите заинтересирани страни: институции, комори, агенции, научно-образовни установи. Во следниот период очекуваат нивни предлози за да се создаде нов закон за градење, кој ќе биде ефикасен и применлив во практиката.
Според него, оваа индустриска гранка се потпира на фирми кои имаат капацитет и големо искуство, но потребно е континуирано вложување во унапредување на техничките и технолошки стандарди и изнаоѓање на иновативни решенија.
Михаил Константинидис, генерален директор на „Дојран стил“ изјави дека како водечки производител на челични производи и арматура во ЈИЕ посветуваат особено внимание сите нивни производи да ги задоволуваат најновите и највисоките стандарди за квалитет и безбедност.
-Тоа е наша стратешка определба за чие исполнување постојано инвестираме во зголемување и модернизација на производствениот капацитет, во професионалниот развој на нашите вработени, како и во иновации и во проширување на понудата на производи. За остварување на оваа наша мисија исклучително ја цениме соработката со институциите и работиме постојано на подигнување на свеста за употребата на висококвалитетни градежни производи и производи од челик, за да се обезбедат безбедни згради за домување и други градби ширум земјата според највисоките стандарди за градба – рече Константинидис.
Професорот Горан Марковски од Градежниот факултет во Скопје изјави дека квалитетот на арматурата и на бетонот се од особено значење во процесот на градењето.
-За денешни услови на градење, за денешни знаења мислам дека треба да постои поголема контрола на квалитетот на материјалите што се вградуваат. Пред се треба да зборуваме и да употребуваме атестирани материјали и нивна соодветна контрола во процесот на градење. Во процесот на производство на арматурата, кој е повеќе контролиран, бидејќи е индустриски производ, грешките во производството се помалку веројатни. Меѓутоа не секогаш се увезува и се вградува арматура која е соодветна на градбата во која треба да се употреби. И тука сметам дека недостасуваат одредени контроли во процесот на набавка и вградување на тој материјал – изјави Марковски.
Според него, состојбата е многу посериозна и полоша во областа на производството и вградувањето на бетон. Таму, како што рече, можностите за грешки се многу поголеми и сведоци сме дека во последно време имаме значителни потфрлања на квалитетот на овој материјал.