Американските сојузни држави Арканзас, Луизијана, Илиноис и Оклахома се зафатени со поплави по обилните дождови кои траат повеќе од една недела.
Најмногу е погоден централниот дел на Соединетите американски држави, каде најмалку шест лица загинаа, голем број домаќинства се поплавени, а автопатиштата се претворени во езера.
Локалните власти во Оклахома предупредија дека повеќедеценискиот систем за насипи може да биде загрозен и доколку се повлече водата во текот на овој викенд.
Националната гарда организираше 24-часовни патроли на 32-километарскиот систем за насипи, кој штити околу 10.000 луѓе.
– Поплавите во Арканзас затворија 12 државни автопати, а 400 домаќинства се согласија на доброволна евакуација – изјави гувернерот на Арканзас, Аса Хачинсон.
Повеќе од 300 торнада го зафатија Средниот запад на САД во последните две недели. Во понеделникот еден човек загина, а најмалку 130 беа повредени во неколку торнада во американските држави Охајо и Индијана.
Метеорологот на Националната метеоролошка служба Боб Оравец како добра вест најави дека ова подрачје неколку дена ќе биде без дождови.