„Глорија – концерт за душа“ на хорот „Св. Злата Мегленска“ во Куршумли ан

149

„Глорија – концерт за душа“ е насловен концертот на Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ со диригентката Летка  Димовска-Полизова, кој во рамки на „Скопско лето“ ќе се одржи вечер од 20.30 часот во Куршумли ан.

Ќе настапат и камерниот гудачки состав „Пламенка Трајковска“, џез-триото: Иван Еминовиќ – пијано, Дејан Митровиќ – бас гитара и Матрина Баракоска – тапани и четворица вокални солисти: Катерина Стојановска, Мартина Аврамовска, Васил Гарванлиев и Јасмина Димитровска.

Концертот е насловен по „Глорија“ на Вивалди која е на програмата заедно со композиции од други автори на класична и на џез-музика.

Женскиот камерен хор  „Св. Злата Мегленска“ е формиран во 1996 година при Македонската православна црква. Основач, диригент и уметнички раководител на хорот е Летка Димовска-Полизова. Хорот е составен од 22 женски вокали, повеќето од нив млади академски образовани музичари и студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и од други државни факултети во земјава.

Во 22 години концертна и фестивалска дејност, хорот „Св. Злата Мегленска“ има освоено награди и признанија во повеќе европски земји, како и во САД и Канада, и имал настапи во најпознатите катедрали во светот, концертни сали, оперски куќи, национални музеи.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...