„Глобочица“ порибена со 8.000 пастрмки и 1.700 крапови

755

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство почна со порибување на риболовните води во земјава, кои во моментов немаат концесионер. Денеска министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присуствуваше на порибување на акумулацијата „Глобочица“.

Оваа акумулација се пориби со 40 килограми или 8 000 единки подмладок од речна пастрмка и со 1.700 единки крап.  Денеска ќе се изврши порибување и на риболовниот ревир „Црн Дрим 2“ со 20 килограми речна пастрмка. Во текот на утрешниот ден ќе се порибат останатите риболовни води предвидени во планот.

– Целта е зачувување и заштита на автохтоните видови риби во речните води, како и одржување на популацијата на риби во оние риболовни води кои не се доделени на концесија. За оваа намена Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно законските одредби, во годишните Програми за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата предвидува финансиска средства за порибување на водите без концесионер со подмладок од пастрмка и крап. Во годинешната Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за порибување на риболовните води без концесионер се обезбедени 300 илјади денари со кои ќе изврши порибување со вкупно 150 килограми подмладок од речна пастрмка, или околу 30.000 единки и 350 килограми подмладок од крап, односно околу од 2.350 единки – изјави Николовски.

За реализација на порибувањето МЗШВ има потпишано договор за обезбедување порибителен материјал и порибување на води без концесионер со подмладок од пастрмка со репроцентарот ЗЗ Охридска риба- Струга за подмладок од речна пастрмка и со репроцентарот Акватика ДООЕЛ – Неготино за подмладок од крап.

Обезбедените количини се наменети за порибување со пастрмка на Акумулацијата “Глобочица“, риболовните ревири “Црн Дрим 2“, “Охридски слив“, “Треска 1 – Кичевски регион“ и “Црна река 1 – Демирхисарски регион“. А со крап ќе бидат порибени Акумулациите “Глобочица“ и “Ратево“.

Инаку, постапката за доделување на концесија на рибите за организирање на рекреативен риболов на овие риболовни води е во тек и се очекува да биде финализирана до крајот на месец септември. Со доделувањето на рибите на концесија за организирање рекреативен риболов, обврската за порибување како и физичката заштита на рибите во риболовните води ќе бидат обврска на идниот концесионер.
Покрај риболовните води без концесионер, МЗШВ во годинешната Програма за финансиска поддршка, има предвидено мерки и обезбедено средства за порибување на риболовните подрачја Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, како и за риболовната зона Акумулација Шпилје. За сите овие се издвоени 7.7 милиони денари. Во таа насока, утре покрај во водите без концесионер, ќе се изврши порибувањето и на акумулацијата Шпиље со подмладок од пастрмка, како обврска на МЗШВ за порибување на риболовните зони.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...