Глигоров: Србија меѓу земјите со најспор стопански раст на Балканот

Тој додаде дека „Хрватска уште полоша управуваше со економијата, а Грција веројатно немаше многу подобар избор од оној што го направи, додека сите други беа подобри“.

367
ФОТО: МИА
ФОТО: МИА

Србија, по Хрватска и Грција во последните десет години, е земја со најмал економски раст на Балканот, а најверојатно и во Европа, оцени соработникот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Владимир Глигоров.

Тој за српските медиуми изјави дека оваа позиција на Србија „делумно е последица на корекцијата на девизниот курс и реалните приходи по 2008 година, како и на фискалната консолидација, која беше спроведена по 2015 година“.

– И едното и другото можеше да се направи подобро, па затоа може да се оцени дека во последните десет години српските власти во најголем дел очајно управуваа со економијата – посочи Глигоров.

Тој додаде дека „Хрватска уште полоша управуваше со економијата, а Грција веројатно немаше многу подобар избор од оној што го направи, додека сите други беа подобри“.

Глигоров оцени дека Србија на ниво на економска активност по глава на жител е полоша од повеќето соседни земји, „што е неверојатно лош резултат“.

Според него, најголема грешка во фискалната консолидација е намалувањето на платите и пензиите, кои ја поттикнаа емиграцијата, како и субвенциите за државните компании и инвеститорите.

– Наместо тоа, требаше да се спроведат реформи во државниот сектор и на стопанските институции и требаше да се обезбеди владеење на правото“, рече тој.

Тој посочи дека владеењето на правото е поважно од субвенциите за „сите поамбициозни инвеститори“.

Запрашан како го оценува буџетот на Србија за 2019 година, дали е развоен или воен, Глигоров рече дека „веќе се слушнале претставки во јавноста за зголемувањето на воените трошоци, а не и за јавните инвестиции“.

– Не е ни сигурно дека државата може да потроши повеќе, да кажеме на пример за изградба на инфраструктурата, бидејќи и досега доцнеше реализацијата на скоро сите проекти, а да не зборуваме за квалитетот“, истакна Глигоров.

Коментирајќи ги зголемените трошоци за купувањето на воена опрема, Глигоров рече дека „тоа е нешто што државата знае да го направи ефикасно“.

– Таа можеше да купи опрема и за образованието или за науката или за некоја друга јавна намена, но се чини дека се верува оти купувањето оружје ќе биде популарно во јавноста, рече Глигоров.

Тој додаде дека најважно прашање е „зошто се засилува војската?“

– Војската е средство, подобро опремената војска е подобро средство и што е целта? Државата да се брани! Од кого точно? Да, со заканите од други да се добијат отстапки? Кои точно? Ако нема одговор на прашањето за целта, а нема таков одговор, тогаш станува збор за фрлени пари – рече Глигоров.

На прашањето како го оценува зголемувањето на платите и на пензиите, Глигоров рече дека зголемувањата не се премногу високи, но дека заедно со фиксниот девизен курс ќе влијаеат на надворешно-трговскиот дефицит и надворешниот долг.

– Проблем би можел да биде растот на реалниот девизен курс, кој е карактеристичен за српската економија веќе неколку децении, па можното негативно влијание на зголемувањето на платите и пензиите ќе зависи од монетарниот и политичкиот курс – наведе Глигоров.

Фото: МИА

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...