Гледај, чувствувај, слушај…

Мултимедијален перформанс во галерија „Колектив“ во кој публиката ќе има можност да учествува и на големо бело платно да нацрта или да напише нешто, испровоцирана од тоа што ќе го види, чуе и почувствува. Режисерката Теа Беговска, со актерите Никола Кузелов и Надица Петрова и со музиката на Енес Беговски, фотографиите на Стефани Христов и сценографијата на Горазд Христов, ќе ја испровоцира публиката заедно да создадат дело

163

„ГЛЕДАЈ ЧУВСТВУВАЈ СЛУШАЈ“ е мултимедијален настан кој ќе се одржи на 20.декември (четврток) со почеток во 20 часот во галеријата „Колектив“.

За овој настан најодговорна е режисерката Теа Беговска.

„Идејата за еден ваков настан се роди многу спонтано кога седнав да размислам и да се запрашам себеси дали јас доволно гледам, чувствувам и слушам. Мојата идеја е да се направи нешто кадешто ќе ѝ се даде на публиката можност да учествува во настан кадешто ќе може да го каже своето мислење, да создаде некакво дело заедно со актерите, инспирирана од нив и од музиката на Енес Беговски, фотографиите на Стефани Христов и сценографијата на Горазд Христов.

Сметам дека ова се основните работи кои сме ги заборавиле – да гледаме, да чувствуваме и да слушаме, без да зборуваме. Затоа, идејата е во рамките на овој мултимедијален перформанс публиката да влезе во еден свет кој ќе го создадеме заедно, да ја испровоцираме на нашето големо бело платно со бои да нацрта или да напише нешто од тоа што ќе го види, ќе го чуе и ќе го почувствува“, вели режисерката.

Токму директната комуникација со публиката е најголемиот предизвик во работата на Беговска и таа постоела и во нејзините претходни алтернативни претстави, но никогаш на овој начин.

„Очекувам публиката да соработува со нас толку колку што ќе чуе, ќе види и ќе почувствува, а тоа зависи од нас. Ќе се потрудиме да ја испровоцираме. Се надевам дека настанот ќе биде успешен, бидејќи нашата идеја е ваквите перформанси да станат традиција и да се случуваат неколку пати во годината. Длабоко верувам дека секој од нас има што да каже (да напише или да нацрта). Сакаме на публиката да ѝ покажеме еден свет во кој секој кој ќе биде дел од неа ќе се чувствува слободно и ќе може да го сподели тоа што го чувствува, без да биде критикуван или осудуван за тоа. Затоа ги покануваме сите да дојдат и заедно да создадеме дело“, порачува Теа.

Инаку, ова е прва соработка на режисерката со двајцата уметници, брачната двојка Стефани и Горазд Христов, додека со авторот на музиката Енес Беговски, кој е нејзин брат, постојано соработуваат и како што вели, се разбираат со поглед.

„Со Стефи се знаеме многу долго време и секогаш сме зборувале дека треба да правиме нешто заедно. Кога ме запозна со Горазд, и кога дојдов кај нив, на отворањето на галеријата „Колектив“, бев убедена дека мораме нешто да направиме заедно. Тие се двајца уметници што неуморно работат и видов во нив нешто што го имам и јас, а тоа се вика упорност и борбеност. Прв пат соработуваме и ќе продолжиме, додека со брат ми, кој е автор на музиката, со него веќе со поглед се разбираме. Речиси на секој проект работиме заедно. Инаку, сѐ почна од една мелодија која ми ја пушти брат ми. Јас ѝ ја испратив на Стефи и ѝ реков: само размислувај, гледај фотографии, ѝ дадов тотална слобода. Кога ми ги покажа фотографиите, реков, тоа е тоа. На Горазд му ја раскажав целата приказна и си дадовме задача дека сценографијата, односно просторот, ќе биде нешто што ќе произлезе како инспирација од музиката и од фотографиите. Нашиот креативен процес во суштина беше токму тоа – да се гледаме, да се слушаме и да се чувствуваме заедно и секој секому да му биде инспирација. На крај ги вклучив актерите, Никола Кузелов и Надица Петрова кои пак гледајќи ги фотографиите и слушајќи ја музиката создадоа свои креации во перформансот. Затоа очекуваме со оваа инспирација да ја заразиме и публиката, односно, сите заедно да бидеме инспирација и за публиката“, објаснува Теа.

Влезот за овој настан е слободен.

Само два дена по перформансот „Гледај, чувствувај, слушај“, на 22.декември, на истото место, Беговска подготвува уште една средба со публиката.

Станува збор за нејзината претстава- театарски перформанс „ЈАС СУМ АКТЕР-ЧОВЕК“.

„Повторно тргнав од самата себе, се запрашав што правам кога сум сама со себе. Веќе цела година ова прашање некако тлее во мене и го размислувам и ете конечно излезе на површина, се појави мигот кој многу ретко ми се случува, и ја направивме претставата за само две недели. Долго време не сум работела алтернативен проект, бидејќи немав што да кажам. Не верувам во тоа дека открив нешто генијално и специјално, но силно верувам во тоа дека секој од публиката ќе се препознае во некој дел. Ова е театарски перформанс кој зборува за човечката осаменост која е понекогаш смешна, за тоа колку се сакаме себеси, колку го сакаме другиот до нас. Толку се сакам себе. Лажам. Се сакам себе толку колку да се рече дека се сакам себе или лажам. Човек ли сум? Актер ли сум? Актер- човек или човек- актер? Кога си сам со себе си еден човек, кога си надвор со многу луѓе, друг. Овој перформанс обработува мигови од животот на еден човек, што прави кога е сам со себе дома. Сѐ она што се плашиме да го изговориме на глас, овие луѓе актери ќе го кажат. Публиката е дел од овие приказни, таа ќе биде сведок на (интерпретацијата на актерите) оние мигови што човекот ги поминува кога е сам со себе. Интерактивен театарски перформанс кој говори за тоа дека ништото е доволно, дека тоа ништо е сепак нешто што не прави посебни, секој сам за себе. Во претставата играат млади и неуморни актери, желни за работа од кои сум презадоволна: Никола Кузелов, Елизабета Стефановска, Надица Петрова и Даријан Петров. Музиката е на Енес Беговски, а дизајнот на плакатот е на Стефани Христов. Премиерата е закажана за 22. декември во 20 часот, а репризата на 24.декември во 21 часот, во „Колектив Галерија“.

Теа Беговска потекнува од актерско семејство, а самата се одлучила за режија. „Мене цел живот ми е „ЈАС СУМ АКТЕР-ЧОВЕК“, и дома и надвор, а најмногу со моите родители кои ми дале многу силен мотив да го работам ова, кој никогаш нема да го изгубам. Природно дојде одлуката за режија, јас веќе глумев по дома, па имав силна потреба да раскажувам приказни, да пишувам, да работам со актери, да откривам нови луѓе. Режијата е индивидуална професија, а јас сум во суштина индивидуалец, не сметам дека е доблест, но е доволна причина и карактеристика да влезеш во свој свет и да создаваш. Убавината потоа е да веруваш толку многу силно во тоа што го правиш и да им го пренесеш на актерите. Благодарна сум им на моите родители што ме воспитаа и ме научија да не правам ништо без причина. Да не се работи само колку да се сработи, туку, да се има силна потреба да се каже нешто и тоа нешто да се чувствува. Долга е оваа тема, имам уште многу што да кажам, еве ќе завршам со тоа дека професионализмот кој ми се случува дома со нив, е благодет, кој за жал кај нас сѐ помалку го има“.

Претставата ќе биде за мал број на гледачи, па билетите (цената е 200 ден.) треба да се резервираат на имејл: teatarskiperformans@gmail.com

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...