Гласајте сега, да не ви биде после криво!

Честит нека ви е Денот на независноста - на сите освен на вас што не гласавте на референдумот во 1991 година, а имавте право на глас.

3083
Бидејќи во принцип мразам лицемерно лигавење, денеска, кога ги читам по Фејсбуков честитките за Денот на независноста, должност ми е да ве потсетам на еден битен детаљ од нашата историја.
Кога во 1996 година јас и моите колеги го формиравме „Дневник“, 8 Септември си го завикавме Денот на независноста. Пред тоа, во изданијата на НИП „Нова Македонија“, не смеевме. Додуша, таа забрана спорадично се кршеше и потоа се оправдуваше како „ненамерна грешка“.
Та дури и тогаш, во таа 1996-та, па и потоа, некои, тогаш важни фаци во политиката и во јавниот живот, ме убедуваа дека треба да се држиме до „официјалната“ терминологија и да ја славиме „самостојноста“ на Македонија, а не независноста.
Значи, да не пишуваме „Денот на независноста”, туку „Денот на самостојноста”. Ќе ви паднат вилиците ако спомнам неколку имиња кои ја застапуваа таквата цензорска теорија на „политичка коректност”.
Така беше, деца. Тешка беше нашата разделба од Југославија…
И затоа, умирам од смеење кога денес на Фејсбуков Денот на независноста го честитаат и некои од тие тогашни „мудреци“ (сега, како и секогаш впрочем, апологети на власта), како и многу, ама баш многу од тие коишто во 1991 година воопшто не гласаа на референдумот и тогаш бојкотот и јавно го обзнанија.
На лигавците, од мене, едно големо „сиктер“! А на сите други, особено на младите кои не знаат што мустри бевме, ви го честитам Денот на независноста.
И ве повикувам, јасно и гласно – немојте (пак) да утнете! Гласајте на референдумот на 30 септември! Не дозолувајте манипулациите, стравот и недугавоста да ве спречат да го искористите своето право непосредно да одлучувате за иднината на земјата. Тоа во животот не се случува баш често.
Да не биде после десет или дваесет години, да пишувате статуси на Фејсбук со лигави честитки, а некој да мора да ве потсетува дека токму последниот септемвриски ден од годината 2018-та, компасот ви бил расипан и дека не сте ни гласале.
Ќе ви биде криво…
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...