Главната награда на „Македокс“ за „Далечниот лаеж на кучињата“

107

Филмот „Далечниот лаеж на кучињата“ (Данска, 2017) на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт ја доби главната награда „Кромид“ за најдобар филм на деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Со доделувањето на наградите за најдобрите филмови во пет категории синоќа заврши Фестивалот „МакеДокс“.

За наградата „Кромид“ одлучуваше комисија во состав Пирјо Хонкасало, Војцех Старон и Марија Чачија која образложи дека станува збор за „филм за екстремниот страв и безусловната љубов видени низ острото и нежно режисерско око“.

Специјално признание во главната програма добија филмовите „За татковците и синовите“ (Германија, Сирија, Катар, Либан, 2017) на Талал Дерки и „Мажи играчи“ (Словенија, Хрватска, 2017) на Матјаж Иванишин.

Филм со најдобри етички идеи на деветтото издание на „МакеДокс“ е „Рагу Раи, неврамен портрет“ (Финска, Индија, Норвешка, 2017) на Авани Раи.

– Во силната конкуренција од 15 филма, „Рагу Раи, неврамен портрет“ на Авани Раи ја добива наградата за етички пристап поради – фасцинантната арт-филозофија што провејува низ целиот филм, поради топлината и хуманизмот во животната логика на главниот лик, индискиот фотограф Рагу Раи и конечно – поради беспрекорната убавина на визуелниот јазик на филмот – образложи жирито во состав Пирко Саисио, Јасна Франговска и Исмет Рамиќевиќ.

Авторката на филмот, Авани Раи ја прими наградата и изјави дека филмот е одговор на нејзината криза на идентитет и обид да затвори едно животно поглавје и да почне друго.

Во категоријата Нови автори наградата „Млад кромид“ ја доби филмот „Фамилијата“ (Словенија, Австрија, 2017) на Рок Бичек.

– „Фамилијата“ е филм со храбар и смел филмски јазик чие свесно режисерско поставување, со користење на филмски алатки што градат комплексност, доловува еден интимен пристап, создавајќи универзална современа драма – образложи комисијата во состав Мартичка Божилова, Мигуел Рибеиро и Ник Војт.

Наградата за најдобар краток документарец „Сецкан кромид“ ја доби „Луѓето од Недојдија“ (Сирија, Германија, 2018) на Хеба Калед. Жирито во состав Ингибјорг Халдорсдотир, Ксавиер Марадес и Дијана Дабровска забележа дека тоа е филм „што не натера да искусиме една реалност која често избираме да ја избегнеме“. Во оваа категорија Специјално признание доби филмот „Вај-Фај Плаза Куба“ (Швајцарија, Куба, Шпанија, 2017) на Адријан Келтерборн.

Наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм ја доби „Филм за Карлос“ (Русија, Гватемала, 2017) на Ренато Борајо Серано.

Наградените автори кои не можеа да присуствуваат на доделувањето на наградите своите пораки на благодарност ги испратија со видеообраќање.

Годинава фестивалот имаше рекордна посетеност и траеше најдолго од сите досегашни изданија, осум дена. Публиката можеше да погледне 71 документарен филм, дојдоа повеќе од 50 гости, се одржаа три работилници и една панел-дискусија. Фестивалските активности се случуваа во Куршумли-ан, на платото пред Музејот на Македонија и во Музејот на современата уметност. Земја во фокус беше Полска.

Деветтото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм, Програмата МЕДИА на Креативна Европа, Фондацијата за развој на демократијата од Вашингтон (National Endowment for Democracy) и Град Скопје. Партнери на „МакеДокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...