Пониски цени за парното треба да очекуваат скопјани од следната година кога ќе почнат да се греат на парното на Градски енергетски системи (ГЕС). Новиот снабдувач со топлина треба да донесе и изедначување на условите за снабдување со топлина на ниво на целиот град бидејќи ќе треба да обезбеди единствен систем од сегашните три БЕГ, Скопје Север и ЕСМ Енергетика.
Градски енергетски системи се очекува во рокот од 60 дена да добие одговор на барањето за добивање лиценца за снабдување и дистрибуција на топлинска енергија. Барањето до Регулаторната комисија за енергетика ГЕС го достави на 14 октомври по што тече и рокот за одговор. Во прилог на Барањето за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија е поднесена документација со која се потврдува дека АД ГЕС-СКОПЈЕ е единствено правно лице кое има востановено трајно право на користење на недвижни ствари-линиски инфраструктурни објекти, енергетска инфраструктура-топловоди во сопственост на државата.
– Кога и да го добиеме одговорот за лиценцата, ние ќе бидеме подготвени да го преземе снабдувањето со топлинска енергија без проблеми. За граѓаните е важно да кажам дека при преземањето на снабдувањето нема да има никакви исклучувања или падови во затоплувањето. Напротив, тие треба да очекуваат еднакво снабдување и еднакви цени на територијата на градот каде што сега снабдуваат БЕГ и Скопје Север, а подоцна и на територијата каде што со топлина снабдува ЕСМ Енергетика – вели диркеторката на ГЕС Александра Маројевиќ.
Маројевиќ очекува позитивен одговор на барањето за лиценца, за што, како што вели, има законска основа.
– ГЕС ја поседува топловодната мрежа на трајно користење, односно го поседува имотниот лист за мрежата, а тоа е еден од условите потребни за нормално одвивање на дејноста. Значи по сила на закон БЕГ и Скопје Север ги губат лиценците. Ние ги поднесовме сите потребни документи и очекуваме во законскиот рок регулаторот да се произнесе по нашето барање – вели таа.
Според неа, Регулаторната комисија ќе треба да им додели условена лиценца со рокови во кои ГЕС ќе треба да го преземе снабдувањето со тополина.
– Во тој рок ГЕС ќе треба да ги преземе работниците на БЕГ и Скопје Север и без никакви проблеми да обезбеди нормално снабдување со топлина на граѓаните. Ние ги правиме сите подготовки тоа да се реализира непречено – вели Маројевиќ.
Од преоѓањето на системот за парно од приватен во јавен сектор, според Маројевиќ, ќе има најмногу погодности за граѓаните.
– Најпрво граѓаните кои се снабдуваа со топлина од Скопје Север ќе плаќаат пониски цени за парното за 15 отсто, бидејќи ќе има изедначување на цената како единствен снабдувач. Очекуваме и намалување на цените за сите граѓани кои се греат на парно бидејќи системот ќе функционира единствено. Планирано е и субвенционирање на граѓаните кои ќе преминат од друг енергенс на загревање со парно и други поволности – вели Маројевиќ.
Една од погодностите за граѓаните, додава таа, е и тоа што како јавен сектор друштвото ќе инвестира во проширување на мрежата во градот и во деловите каде што економски не е оправдано да се гради мрежата, но е оправдано за постигање на целите за намалување на загадувањето.
Во однос на издавањето на лиценцата на ГЕС од Регулаторната комисија за енергетика велат дека постапката е почната со поднесувањето на барањето од страна на ГЕС.
– За да обезбедиме законитост на целата постапка ние веќе доставивме писма со кои ги информираме БЕГ и Друштвото за станбен и деловен простор за да добиеме мислење во врска со договорот при преземањето на топлификационата мрежа. Чекаме да ги добиеме нивните мислења и да ја почнеме постапката за разгледување на документите и донесување одлука по барањето – вели Марко Бислимовски, диркетор на РКЕ.
Според него, лиценцата што би се издала на ГЕС ќе биде условена, односно за да почнат да работат ќе треба да ја уверат РКЕ дека имаат доволен број вработени и соодветен кадар за дејноста.
– Балкан енерџи груп ќе работи сѐ додека има лиценца за вршење дејност – вели Бислимовски.