Герџалиу: Нормализацијата на економските односи ќе донесе перспектива за Западен Балкан

Ги идентификувавме столбовите кон коишто треба да се насочиме за да ја зголемиме економската соработка, а со таа цел заклучивме дека треба да се постигнат договори во полето на авиосообраќајот, железницата, поштенските и телекомуникациските услуги, ветеринарната агенција, царината, усогласувањето на документите и стандардизацијата.

48

Генералниот секретар на Коморскиот инвестициски форум на шестте земји од Западен Балкан (ЗБ6), Сафет Герџалиу смета дека дијалогот и соработката на шестте земји од Западен Балкан мора да бидат во функција на иднината, којашто мора да почива врз образование, економија и развој, заштита на животната средина, иновација, циклична економија, духот на европската интеграција и пошироко, а посебно врз владеењето на правото како гаранција за постигнување на овие повеќе димензионални цели.

Повод за оваа изјава на Герџалиу е постигнатиот договор за обнова на авиолинијата Приштина – Белград.

„Сведоци сме на горчливата реалност што се создава на Западен Балкан, каде што популизмот и обидот да се разубави минатото ја уништуваат иднината.

Би сакал да верувам дека излезот од таа состојба е преку дијалог, партнерство и нормализација на добрососедските односи, посебно на Западен Балкан. Дијалогот и соработката мора да бидат во функција на иднината, иднина којашто мора да почива врз образование, економија и развој, заштита на животната средина, иновација, циклична економија, духот на европската интеграција и пошироко, а посебно врз владеењето на правото како гаранција за постигнување на овие повеќедимензионални цели.

Ми претставува задоволство што минатата недела во Берлин беше постигнат договор за повторно отпочнување со летови меѓу Косово и Србија со поддршка на САД и Германија. Така што, верувам дека ова е важен чекор за којшто треба да сме благодарни на нашите меѓународни пријатели поради поддршката за тој договор којшто надминува билатерална важност и произведува позитивен регионален, европски и светски ефект.

Овој договор, освен неспорната економска значајност, исто така вклучува и политичка, стратешка, и пред сѐ, општествена важност. Во тој поглед, претставува чекор што ќе придонесе за подобрување на сликата за Западниот Балкан, што е и цел на Коморскиот инвестициски форум на ЗБ6.

Соработката помеѓу Косовската стопанска комора и Српската стопанска комора беше приоритет и за време на мојот мандат како претседател на Косовската комора. Во таа насока, треба да се заблагодариме на претседателот на Српската стопанска комора, г. Марко Чадеж, за неговата волја заеднички да се отстранат пречките за водење бизнис преку дијалог и исто така, заеднички да се унапреди Западниот Балкан од кризен регион во регион со перспектива и визија за развој.

Ги идентификувавме столбовите кон коишто треба да се насочиме за да ја зголемиме економската соработка, а со таа цел заклучивме дека треба да се постигнат договори во полето на авиосообраќајот, железницата, поштенските и телекомуникациските услуги, ветеринарната агенција, царината, усогласувањето на документите и стандардизацијата.

Во тоа време, оваа иницијатива беше пречекана со сомнеж, но денес, оваа определба е делумно веќе реалност. Би сакал да верувам дека овие идеи што ги подготвивме заедно ќе станат реалност и обврска за иднината“, вели Герџалиу.

Извор: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...